Моите барања

Без оглед на тоа колку некој ќе каже дека е донкихотовски овој мој обид, но ваков квиз си правам од време на време. Навистина, треба понекогаш да подзастанеме во нашиот безглав трк низ времето, настаните и борбата за опстанок и да погледнеме во себе. Да се запрашаме во што веруваме и што очекуваме од општеството и од институциите. Да прашаме, што е можно погласно, дали и колку од тоа што ни е гарантирано или ветено со Устав, закони или предизборни ветувања, го препознаваме во секојдневните постапки на оние што си го земале правото да кажат дека нѐ претставуваат, било да се на власт или во опозиција. Ете, ова е еден од тие донкихотовски обиди. Кажете дека сум како паднат од Марс или дека моите обиди се попусти, но јас нема никогаш да престанам со моите обиди.

Џабир Дерала

Јас од мојата држава, од институциите и од моите сограѓанки и сограѓани очекувам да дадат сѐ од себе и секојдневно максимално да ги почитуваат човековото достоинство и човековите права и слободи. Очекувам да живеам во слобода и демократија, во земја во која владее правото. Очекувам и барам! Сакам да владее социјална и еколошка правда во секој град и село – колку и да звучи како реченица во писмена вежба за основно училиште.

Од една влада на држава за која Уставот вели дека е социјална, очекувам да се креира економија во хармонија со потребите на заедниците и со економската правда, таа да биде важен, ако не и суштински дел од економските програми на прогресивните политички партии.

Барам да живеам во општество во кое владее еднаквоста, а не стравот, да живеам во средина во која сите имаат еднакви можности, а институциите ги спречуваат и ги санкционираат дискриминацијата, омразата и насилството. Сакам да видам исполнување на таа еднаквост во секој поглед и никако да се заборави на родовата еднаквост. Напротив, сметам дека треба токму од неа и да се појде, бидејќи жените се мнозинството што е најмаргинализирано и секојдневно трпи дискриминација и насилство по сите основи. Сакам да видам феминистичка влада, феминистички совети на општини, феминистички ориентирани институции и медиуми. Сонувам? Да. Можно е? Исто така – да.

Барам од државата во која Уставот ја гарантира еднаквоста на различните, да заземе антинационалистички курс и да остане на него засекогаш. Само така ќе биде можно да владее мир и да се создадат услови за благосостојба на сите граѓанки и граѓани. Само така општеството ќе доживее трансформација во корист на сите, каде што владее економска, социјална и еколошка благосостојба.

Оваа преубава земја заслужува институциите да ја сфатат и да ја применуваат биоетиката и да ја негуваат разновидноста на природниот свет, да стане дел од напорите за зачувување на физичките ресурси на Земјата. Барам владите што се менуваат како шпилови од карти да започнат со изградба на одржливо општество што гарантира долгорочна иднина за генерациите по нас.

Сите имаме право на основна материјална сигурност, да ни бидат задоволени основните човечки потреби. Луѓето мора да ја вратат солидарноста во своите животи.

Што е нејасно во уставно гарантираната еднаквост? Јас сакам да видам општество во кое таа еднаквост само се јакне од ден на ден, општество без дискриминација по етничката, расна, родова, верска и социјална основа, сексуална ориентација или било каква друга припадност. Колку е тешко да се сфати дека тоа е дел од сите нормални, човечки стандарди, права и слободи, основа на човековата цивилизација веќе 80 години, ако не и многу подолго?

Барам граѓанките и граѓаните вистински да учествуваат во донесувањето на одлуките, а институциите да манифестираат флексибилност во согласност со потребите на луѓето. Барам транспарентност и одговорност, лична и институционална. Имам право на тоа!

Мора да сфатиме дека со почитување на интересите на малцинствата и на сите различни заедници во општеството и максимални услови за развој на поединците, ќе обезбедиме пристојна иднина за генерациите по нас и ќе создадеме услови за трајни решенија за кризите.

Работодавачите имаат обврска да се грижат за вработените и да го почитуваат нивното право на штрајк.

И сега, што од ова препознавате дека ви се случува во животот? Можете да потцртате или странава ќе остане празна?

Да заклучиме:

Моите права и слободи се универзални и неделиви. Ми припаѓаат со самото тоа што сум се родил како човечко битие. Никој нема право да ми ги одземе, да ми почитува едно право повеќе од некое друго право. Што не е јасно во ова?

 


Објавено и во Плусинфо и Слободен печат

Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста 

Please follow and like us: