Илиевска: Во Битола во изминатите три месеци немаше зелени денови

Габриела Илиевска, советничка од независната листа „Поинаку“, на Општина Битола , вели дека Битола е сè уште една од најзагадените општини во Македонија, и дека тие како советници во Советот на Општина Битола неколку пати го покренале тоа прашање, меѓутоа според неа локалните власти се глуви во однос на истото. 

„Во изминатите три месеци: август, септември и октомври, ПМ честичките коишто се дозволени до 50, меѓутоа во општина Битола во изминатите три месеци не сме имале зелени денови, односно во месец септември имало пет зелени денови, а нели зборуваме за месеци кога нема греење кај локалното население. Тоа ги побива фактите со кои се тврди дека најголемото загадување е од грејните тела на домаќинствата. Би сакала да нагласам дека овие податоци се врз база на две мерни станици во Битола, Битола 1 и Битола 2, меѓутоа едната од нив која се наоѓа во центарот на градот не работи, речиси од 20 септември па навака. Како советници реагиравме, пуштивме барање до Министерство, но немаме информација“, вели Илиевска.

Таа вели дека побарале од Советот да ја задолжи градоначалничката да се преземат какви било мерки за да се санира мерната станица и дека во изминатата година, откако е променета локалната власт, нема ни краткорочни, ни долгорочни мерки кои се преземаат во врска со загадувањето.

„Гледаме дека имаше некоја најава за гасификација на општина Битола, меѓутоа колку што ние сме известени дури и Владата го стопира тој проект, така да долгорочна мерка најверојатно во наредните 3 до 5 години, тоа е мое согледување, нема ни да има. Во поглед на краткорочните мерки се она што беше најавено од Општината, пример имавме еден проект „3000 садници“, ние како битолчани сме сведоци дека не 3000 туку повеќе нема ни 3 живи од тие садници, така да тоа е пропаднат проект на Општината, и сметаме дека не само што не се прави ништо, туку буквално ништо не се прави во поглед на обезбедување на подобра животна средина во градот. Исто така, сакам да нагласам дека општина Битола е рекордер во заболени од малигни неоплазми и сметам дека како град, како Совет, како локална власт, како се она што претставува лобирање на централно ниво, треба многу повеќе да се направи и да се покрене некаква иницијатива. Како советници ние имавме неколку иницијативи, од кои најгромогласно одекна таа со која бараме во најмала рака субвенционирана струја за општина Битола, меѓутоа ништо од тоа не помина, ништо од тоа не се разгледа и сите наши предлози беа одбиени, без разгледување и без никаква јавност на истите“, додава таа.

Во однос на депонијата Мегленци, која беше актуелна во медиумите во изминатиот период по тоа дека свињи се хранеа од истата, Илиевска вели дека 30 дена, а можеби и повеќе, депонијата горела, и дека тие како Совет, како град или како битолчани, не добиле апсолутно никаква официјална информација за тоа кој ја запалил, зошто и што имало на истата додека горела.

„Мислам дека во најмала рака заслужувавме информација и сметам дека ниеден град не смее да дозволи долготрајно горење на депонија. Во Битола, сега во моментот додека ме снимате, има сонце, и никој не зборува за загадувањето, но во моментот кога нема сонце неважно дали е топло или е ладно, Битола е загадена. Се чувствува загаденоста. И сега е загадено, меѓутоа поради сонцето луѓето не разговараат за загадувањето. Бидејќи кога е се зелено, никој не размислува за загадување“, додава Илиевска.

Дехран Муратов
обработка на текст: Ангела Петровска
камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Ангела Петровска

 

 

 

Please follow and like us: