Колозова: Договорот со Грција овозможува политичко детерминирање на идентитетот

„Кога станува збор дека идентитетот на Македонецот е некако загрозен со Преспанскиот договор, јас со месеци во јавноста тврдам и објаснувам дека не само што не е загрозен идентитетот, туку напротив со овој Договор, идентитетот на македонската етничка заедница во Република Македонија е сочуван“, изјави професорката д-р Катерина Колозова на панел дискусијата „Губење на идентитетот, или…?“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„Со ова ние првпат со некој од соседите, дури и пред Бугарија, од Грција добиваме признание на идентитетско самоопределување. Со ова се прави историски исчекор  од двете страни во термини на некакви национални истории во регионот. За првпат, наместо во историски фолклорни и национално – романтичарски термини во чисто политички термини се детерминира идентитетот. Овој договор овозможува националниот идентитет да се определи во чисти и недвосмислени политички термини без историско –романтичарски атевизми, односно да се определи врз принципот на самопризнаено определување“, изјави Колозова.

Според Колозова поимот етничка заедница е конститутивен за концептот и за реалноста на нацијата, додека, пак, употребата на поимот народ или народност  во нашето законодавство веќе и на англиски јазик се преведува како етничка заедница. Во таа смисла, вели Колозова, Членот 7, овозможува да се користи поимот македонски на неограничен начин.

„Единственото ограничување кое според мене не е ограничување туку кристализирање на употребата е дека во национална и етничка смисла го користиме ограничено на територија на Вардарска Македонија или тоа што некогаш било Социјалистичка Република Македонија. Според мене тоа не е недостаток туку е предност затоа што на оваа територија во оваа држава, во таа југословенска федерација сме го оформиле тој национален идентитет. Тука добил дефиниција, тука добил стандарден јазик, тука добил книжевност, тука добил македонска академија на науките и уметностите… Можноста да се ограничи на историјатот на оваа територија или нација/држава на нас ни дава кристализирана идентитетска слика со која малцинствата во соседната држава ќе можат да се идентификуваат“, објасни Колозова.

Изјавата на професорката д-р Катерина Колозова е дел од проектот „Губење на идентитетот или…?“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата „Хајнрих Бел“ од Германија. Ставовите на десетина експерт(к)и и креатор(к)и на јавното мислење за идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор околу името деновиве ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Досега се објавени ставовите на  Љубчо Георгиевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-Народна, како и ставовите на новинарот Ѕвездан Георгиевски и на професорката д-р Мирјана Најчевска.  Ставовите и анализите за тоа што се добива, а што се губи со Преспанскиот договор ќе бидат објавени и во печатена публикација во декември.

Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети


Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста 

 

Please follow and like us: