Макрадули: Во една сезона во Скопје, се сечат дрва колку што има на Водно

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, на Фејсбук одговараше на прашања на јавноста поврзани со загадувањето на воздухот и Планот за чист воздух.

Во отприлика половина час, Макрадули се осврна на прашањата за работата на инспекторите и индустриските капацитето, управивањето со отпадот, загадувачите во транспортот и градежништвото, линданот во Охис и низа други прашања. Со оглед на кусото време, многу од прашањата од Твитер и Фејсбук заедницата останаа неодговорени.

Тој истакна дека се лоцирани загадувачите во транспортот и градежништвото, но и дека најголемиот фактор за аерозагадувањето се домаќинствата, преку употреба на јаглен и други несоодветни средства за греење на домовите.

„Дека е загадено е загадено, но податоците велат дека е тоа помалку. Повеќе се води сметка за контролата на работата, зголемена е одговорноста и на компаниите. Премногу време потрошивме на мониторирање и хартии. Влегуваме во борба со загадувачите. Домашното затоплување е најголемо загадување, а во Скопје се трошат само 317 илјади тони огревно дрво. Во една сезона во Скопје, се сече дрва колку што има на Водно“, рече Макрадули.

„Социјалните случаи кои се греат на нееколошки средства ќе добијат помош од државата и директна замена на она што го користат“, најави Макрадули, додавајќи дека најнапред ќе се заменат нееколошките системи за загревање во градинките и училиштата.

„Недозволиво е едно училиште, или градинка да троши 30 000 евра во зимскиот период некогаш и до 40 000 евра за нафта“, рече тој.

Меѓу низата најави се и инвертори, топлотни пумпи и повторно приклучување на парно греење.

Во однос на буџетот кој е одвоен за наредната година за справување со аерозагадувањето, Макрадули беше дециден дека тие сакаат да се справат со загадувачите, а не да им купат маски на граѓаните.

Заменик-министерот појасни дека 1,6 милиони евра ќе бидат само за намалување на аерозагадувањето, а 22 милиони за останатите области од животната средина. Сепак, признава дека овие средства не се доволни, но според него е добар почеток, надевајќи се на неколку најавени меѓународни финансиски институции.

„И со овие средства ќе покажеме дека постојат резултати“, рече Макрадули.

Во однос на субвенциите за возила – појасни дека при субвенционирањето нема да се прави разлика меѓу правни и физики лица, односно 3000 евра ќе изнесуваат субвенциите за хибридно возило, а 5000 за електрично. Надополни и дека до некои органи на владата веќе има барање да користат еколошки превозни средства. За налепниците, пак, повтори дека се добиваат врз основа на нивото на емисии што ги ослободуваат, а не според годината на производство.

Едно од најчестите прашања на јавноста беше работата на инспекторите и индустриските капацитети, на што Макрадули појасни дека во Македонија има вкупно 396 компании со легални дозволи од ки 160 со А дозволи, од кои активни се 125. 236 компании се со Б дозволи.

Во однос на работата на инспекциските служби, Макрадули појасни дека за разлика од 2017 година кога имало тројца инспектори во Град Скопје, сега се 18 на број и дополнително пет нови во Државниот инспекторат. Информираше дека во моментов на Електронскиот регистар на прописи – ЕНЕР е поставен Законот за инспекциски совет, кој ќе биде чадор на сите инспектори и како што рече, ќе овоможи поголема моќ за интервенција и ќе спречи избегнување на одговорност.

„Инспекторите на Градот Скопје ги проверија вонредно сите компании коишто имаат Б дозвола, и во месеците септември и октомври, годинава, се изречени дупло повеќе казни од лани“, нагласи Макрадули.

За мерењата на штетните емисии кои ги испуштаат индустриските капацитети, заменик-министерот одговори дека нив ги вршат акредитирани лаборатории.

„Во моментов се врши акредитација на лаборатријата што постои во Министерството за животна средина. За таа цел се набави скапа вага која беше расипана“, соопшти тој.

За поголемите индустриски капацитети како „Макстил“ и „Усје“ тврди дека постојано се мерат.

„За една инсталација да добие дозвола, мора да има мерен инструмент и тие ги мераат податоците и ги доставуваат до Министерството или ги објавуваат на веб страницата“, рече Макрадули.

К. С.

Please follow and like us: