Орданоски: Новите генерации ги надминуваат етничките, националните и верските идентитети!

„Денешната, особено поновата генерација, сѐ повеќе живеат најмалку два вида на идентитет. Едниот е реалниот идентитет, и тој е прилично фрегментиран, оној со кој се носат во секојдневниот живот во кој се социјално будни, во кој се во директен социјален контакт. Но, истовремено живеат и во виртуелен идентитет. Тој виртуелен идентитет им станува дури и поважен, оној што го негуваат за себе и почнуваат да веруваат дури и повеќе во него, отколку во реалните идентитети“, изјави професорот д-р Сашо Орданоски, на панел дискусијата „Губење на идентитетот, или…?“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„Дефинициите за тоа дека суверенитетот на државите, етаблираните и само единствените државни системи, какви што се оние за образование, за култура, можат да влијаат врз заедницата и врз формирањето на заедничките идентитети, а со тоа и индивидуалните идентитети, денес се веќе прилично застарени концепти. Денешниот модерен човек е изложен на милион фрагментации на помали и поголеми прашања кои што се врзани не само за неговиот живот на одредена територија, и во одредена заедница, туку и во перманентен контакт со една практично безгранична заедница со која тој дневно комуницира, од каде што дневно црпи информации и коишто не завршуваат само на она што се дефинира како негов јазик, како негова официјална вера, како некоја официјална историја од која потекнува, или на сетот традиции од каде што извира неговиот вредносен систем, предубедувањата, основните претпоставки во градењето на карактерите…“, смета д-р Орданоски, член на експертскиот тим на ЦИВИЛ.

„Поместени се границите на приватноста, а приватноста е област во којашто човекот е преокупиран со сопствениот идентитет, со идентитетот на своите деца, семејството… Во тој упад во приватноста, не влегуваат само државите со своите обиди што повеќе да завземат простор, да го истиснат просторот што би требало да се смета за приватност, туку влегува и самата подготвеност на луѓето, на индивидуите, да понудат што повеќе информации за себе, понекогаш и несвесни за границите за тоа што треба да претставува само нивна приватност… Така, има споделувања на содржини коишто отсекогаш биле сметани за нешто што е нечиј приватен живот. Денеска е на некаква јавна сцена исфрлено нешто што потоа добива свој живот сам по себе, и коешто потоа, се враќа врз индивидуалните карактеристики на нечиј идентитет, на начин на кој што тој не може да биде контролиран“, рече д-р Орданоски на панел..

„Факт е дека новите генерации веќе се наоѓаат во ситуација кога имаат изразена потреба да ги надминат своите етнички, национални, верски  идентитети. Одреден повратен удар е тоа што сепак, и во таква огромна отвореност на светската глобална култура, луѓето влегуваат со предубедувања, со стереотипи и со извесна потрага по потврда на она што веќе го имаат како стереотип во себе и покрај тоа, што информативната понуда е толку голема што е практично безгранична. Сепак, влегуваат во потесни барања на она што ќе го потврди нивниот катактер, нивниот идентитет, нивниот склоп од вредности, предубедувања кои ги носат со себе. Заради тоа, често пати се наклонети, во една комбинација на дневен притисок, со безгранични можности да бираат да стануваат статични, да стануваат конзервативни во своите избори, дури да се радикализираат, особено во политичка смисла… Тоа, се разбира, се враќа со зголемување на нивото на несигурност, на страв и на поединците и на заедниците, што води до една контракција во политичка смисла, којашто ги прави сѐ поконзервативни во нивоата на толеранцијата кон другите, во нивоата на прифаќање на туѓите искуства…“, рече Орданоски.

„Дали ќе успееме да направиме културниот процес да биде процес, а не само продукт, којшто само фестивалски ќе се третира, дали ќе успееме да направиме доволно креативни и способни и добро образовани млади генерации коишто ќе можат да ја поминат македонската граница и ќе можат да се пласираат во светот, за да ни се вратат како такви тука, со новите искуства што ќе ги освојат. Тоа значи, по три-четири дена од донесувањето на некакви уставни промени, тоа ќе биде заборавена содржина, она што ќе се важи е дали ќе ни успеат реформите во општеството со кои ќе создадеме граѓани што ќе можат да одговорат на модерната понуда и побарувањето од светот, бидејќи ние сме дел од светот. Ние не живееме во сопствените, некакви национално- клаустрофобични граници, во кои се расправаме за некакви тривијални теми од историјата, за личностите од неа, свртени наназад, наместо кон напред…“.

Изјавата на професорот д-р Сашо Орданоски е дел од проектот „Губење на идентитетот или…?“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата „Хајнрих Бел“ од Германија. Ставовите на десетина експерт(к)и и креатор(к)и на јавното мислење за идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор околу името деновиве ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Досега се објавени ставовите на  Љубчо Георгиевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-Народна, како и ставовите на новинарот Ѕвездан Георгиевски, на професорката д-р Мирјана Најчевска и професорката д-р Катерина Колозова.  Ставовите и анализите за тоа што се добива, а што се губи со Преспанскиот договор ќе бидат објавени и во печатена публикација во декември.

Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Буњамин Камбери

 


Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста 

Please follow and like us: