Смаиловиќ: Да градиме општество во кое сите ќе бидеме граѓани на Европа!

„Ако јас сакам да бирам некој идентитет, иако мојот идентитет е веќе оформен, јас сепак, бирам да имам и идентитет којшто е бесмртен. Идентитет што никој не го доведува во прашање, идентитетот на човештвото, на хуманоста, да бидеш позитивен момент во едно општество, да придонесуваш во него...“, изјави активистката Мерсиха Смаиловиќ на панел дискусијата „Губење на идентитетот или...?“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„Дебатата во Македонија во однос на Преспанскиот договор навистина создаде простор - луѓето да си земат за право да кажуваат кој има, а кој нема право да преговара, или кој има право да разговара за идентитетот во рамките на овој договор... Голем дел од мојата етничка заедница, бошњачката, бевме етикетирани како ние да немаме право да преговараме за македонскиот идентитет. Повторно се враќаме на прашањето: кој има право да преговара или дали идентитетот е нешто за што може да се преговара, или дали е тоа некое чувство што ние го имаме внатре во себе? Ете, јас сум родена во Македонија, но мојот идентитет како припадник на бошњачката заедница не се менува, бидејќи со тој идентитет сум растела, дома го зборуваме босанскиот јазик и тоа чувство не го менувам иако многу ретко одиме таму од каде што потекнуваме, во Србија...“, рече Смаиловиќ.

„Таа потреба да припаѓате некаде, тој идентитет да биде клучното што ќе ве дефинира и сите да ве гледаат низ тој идентитет, навистина, само го отежнува функционирањето во едно нормално општество какво сите ние сонуваме да бидеме. Ако јас сакам да бирам некој идентитет, иако мојот идентитет е веќе оформен, јас сепак, бирам да имам и идентитет којшто е бесмртен. Идентитет што никој не го доведува во прашање, идентитетот на човештвото, на хуманоста, да бидеш позитивен момент во едно општество, да придонесуваш во него“, смета Смаиловиќ.

„Она што беше интересно во однос на дебата за референдумот е што во опозиционата партија имаме и такви кои не и припаѓаат на македонската етничка група. Еден од таквите претставници е припадник на мојата, бошњачка етничка група и беше глорифициран како херој, кој гласаше за уставните измени. Коментарите беа: „Па, како може, предавник!“ Секогаш другите етнички заедници се предавници... И повторно чувството дека, ако си припадник на некоја група и сакаш да бидеш дел од таа група, мора да го имаш тој мејнстрим на размислување и однесување... Не се прифаќа нешто што е поразлично, како размислување, етникум или како заедница...“, рече Смаиловиќ.

„Можеби, кога на јавни дебати и конференции критикуваме, сакајќи системот да биде подобар или државата да биде подобра, сакаме да зборуваме за Македонија пред меѓународната заедница - во далеку подобро светло. И кога зборуваме за идентитетот, се надевам дека сите етнички заедници ќе се воздигнат на тоа што е примарен наш идентитет. И и дека сите ќе градиме едно општество коешто навистина ќе биде многу подобро за живеење и дека ќе добиеме епитет дека ние сме - граѓани на  Европа...“, резимираше Смаиловиќ.

Изјавата на активистката Смаиловиќ е дел од проектот „Губење на идентитетот или…?“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата „Хајнрих Бел“ од Германија. Ставовите на десетина експерт(к)и и креатор(к)и на јавното мислење за идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор околу името деновиве ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Досега се објавени ставовите на Љубчо Георгиевски, новинарите Ѕвездан Георгиевски, и Синиша Станковиќ, на професорите д-р Мирјана Најчевска, д-р Катерина Колозова, д-р Мирјана Малеска и д-р Сашо Орданоски. Ставовите и анализите за тоа што се добива, а што се губи со Преспанскиот договор ќе бидат објавени и во печатена публикација во декември.

 

Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети


Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста

Please follow and like us:

This post is also available in: English