И покрај одлуката на Уставен суд, Општина Гевгелија останува против отворање на рудници

Уставниот суд одлучи во корист на компанијата „Резервоар минералс Македонија“ ДООЕЛ Скопје, која во 2013 година ја доби концесијата за вршење на детални геолошки истражувања на Кожуф, на сметка на одлуката на Советот на Општина Гевгелија за изградба на рудиниците на нејзина територија. 

,,Уставниот суд на Република Македонија донесе Одлука со која го оспори правото на изјаснување на граѓаните за една ваква важна тема. Но, треба да ни биде јасно дека никој не може да порекне дека локалниот референдум, сепак, се одржа на 23 април 2017 година и дека истиот испрати јасна порака, која ни создава политичка и морална одговорност. Впрочем, пораката која ја испратија граѓаните веќе изврши свое силно влијание и кај централната и кај локалната власт, а истовремено го подигна нивото на еколошка свест кај сите општествени чинители. Во текот на 2017 и 2018 година имаше и други обиди од страна на некои приватни инвеститори да вршат или да продолжат да вршат детални геолошки во општина Гевгелија, но Владата на Република Македонија, Советот на општина Гевгелија и јас како градоначалник дадовме  негативно мислење по однос на истите. Во сите мои контакти со компании кои се заинтересирани да инвестираат во општина Гевгелија потенцирам дека нашиот локален економски развој се базира на принципот на одржлив економско-еколошки  развој при што економскиот развој не смее да биде на штета на животната средина, како и на животот и здравјето на луѓето... Оваа порака е наменета за досегашните и за идните функционери, кои треба да внимаваат што потпишуваат. Бидејќи грешките направени во 2013 година се провејуваат и во 2019 година“, изјави Сашо Поцков, градоначалник на Општина Гевгелија по повод Одлуката за поништување на Одлуките на Советот за распишување на референдумот.

Општина Гевгелија претходно ја оспори и надлежноста на Уставниот суд затоа што одлуките кои ги оспорува иницијаторот се конкретни акти кои не содржат општи норми на однесување и воопшто не уредуваат односи на општ начин туку според својата форма спаѓаат во категоријата на правни акти кои имаат поединечен каратктер односно уредуваат еден единствен случај, одржувањето на референдумот на локално ниво со што нивната примена се исцрпува еднократно.

Please follow and like us: