За идентитетите, од сите аспекти, без задршка

[dropcap font="arial" fontsize="45"]Н[/dropcap]еопходно е да се разберат настаните и процесите, за да се формира мислење и да се испланира дејствувањето, како на индивидуално, така и на колективно ниво, како во сферата на општественото, така и во домените што се подразбираат под поимите институции и држава. Овој проект е одговор на таа потреба. Почнувајќи од личните искуства и промислувања поврзани со идентитетските прашања, завршувајќи со бравурозни анализи на глобалните трендови и на важните историски и општествено-политички процеси што се неминовно поврзани меѓу себе, овој проект претставува уникатен јавен ресурс со одговори на суштинските прашања за македонската, регионалната и светската реалност во која живееме.

Џабир Дерала

Забрзаниот процес за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што трае речиси три децении, предизвика лавини од националистичка реторика и тензии во двете земји. Тензиите започнаа со Самитот во Давос во јануари 2018 година, кога лидерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, го започнаа долгоочекуваниот процес за решавање на спорот што подоцна резултира и со Преспанскиот договор за надминување на спорот за името. Националистите, собрани околу поранешната владејачка партија на ВМРО-ДПМНЕ и помалите партии, кои се отворено поддржани од Русија, започнаа кампања со досега невиден говор на омраза, и радикална националистичка реторика, проследена со инфламаторни јавни настапи низ целата земја. Уште на самиот почеток на процесот, а особено по потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018, радикалите организираа неколку насилни протести, со цел да се спротивстават на напорите на Владата за надминување на спорот.

Постигнатиот договор беше поздравен од целиот свет и од мнозинството граѓанки и граѓани во Македонија, свесни дека е неопходна промена на името на земјата, меѓународно позната како ПЈРМ, во Република Северна Македонија, со цел да се забрзаат евро-атлантските интеграции, што беа целосно блокирани во текот на 11-годишното владеење на еден автократски, националистички и криминален режим.

Националистичката опозиција го нарече Преспанскиот договор „капитулантски“, тврдејќи дека тој ќе го загрози етничкото, националното, културното, историското и јазичното наследство на етничките Македонци. Својата кампања ја водеа со ултра-националистичка и исклучива реторика, а се служеа со експлицитен говор и говор на омраза против сите етнички заедници што живеат во Македонија, особено против Албанците и Ромите, а создаваа и атмосфера на јавен линч против Македонците што го поддржуваа историскиот договор меѓу двете земји. Националистичкиот наратив беше придружуван и со добро осмислен и очигледно богато спонзорирана продукција на лажни вести што беа дистрибуирани преку социјалните мрежи и дел од електронските медиуми во земјата.

Оваа состојба во земјата повеќекратно се влоши во периодот на спроведувањето на референдумот што се одржа на 30 септември 2018 година. Како последица од разулавената црна кампања што имаше цел да го исплаши и пасивизира умереното и прозападно ориентираното мнозинство граѓанки и граѓани во земјата, референдумот имаше само делумен успех (37% излезност, од кои 91% се изјаснија позитивно). Делумниот успех на референдумот се должи и на низа пропусти на институциите на државата.

Тензиите и националистичката реторика продолжија по завршувањето на референдумот, а земјата сé уште се соочува со нестабилност и тензии.

Поради сево ова, македонското општество останува длабоко поделено по етнички, верски и политички линии, каде антизападниот сентимент се шири преку говор на омраза и лажни вести, а неретко и со директно насилство.

Заснованост

Веднаш по одржувањето на референдумот на кој граѓанките и граѓаните со право на глас имаа можност да се изјаснат за или против Преспанскиот договор за надминување на спорот со името меѓу Македонија и Грција, ЦИВИЛ и Фондацијата Хајрих Бел ја препознаа потребата за еден сеопфатен поглед на процесите поврзани со идентитетските прашања.

Општествените и политичките прилики во Македонија веќе подолго време не се ни оддалеку успокојувачки. Режимот на Груевски остава длабоки траги во општественото ткиво и го деформира начинот на политичкото дејствување и на восприемањето на основните цивилизациски вредности, ги девастира културата, образованието и науката. Деструктивната политика на режимот спроведе агресивен социјален инженеринг во чија основа беа вградени фабрикувани митови за потеклото и идентитетот на етничките Македонци. Потоа, тука беа и „мрачните заговори“ на „трулиот“ Запад, а особено на соседните држави, пред сѐ, Грција, Албанија и Бугарија кои, на различни начини се вклучени во „кражбата“ на сѐ што е македонско и опасноста од „валкање“ на „древната и светата македонска крв и почва“ со крајно „неблагодарните и грабливите“, а толку помалку вредните, етнички малцинства во земјата.

Перфектна формула за долго владеење: да се измислат, ако не постојат, внатрешни и надворешни непријатели и да се држи општеството под постојан стрес и страв за опстанокот, а режимот да се прикаже како заштитник испратен од небото.

Следните генерации на политички лидери ќе мораат да вложат големи напори да ги надминат последиците и состојбите што не секогаш се видливи, а се дел од општественото, културното и политичкото битисување. Тоа подразбира решителна и долгорочна борба против растечкиот национализам и етничките, верските и политичките поделби. Македонското општество мора да препознае дека растечките антизападни и проруски сентименти и политичко дејствување тешко ќе го оштетат концептот на мултикултурализам за кој во овој период општеството и политичкиот естаблишмент покажува волја да го спроведе во пракса.

Понатамошните поделби во општеството ќе ја разнишаат стабилноста на земјата и претставуваат сериозна закана за националната и регионалната безбедност. Тоа се сфери на општествено и политичко дејствување што не само што не смеат да останат на маргините, туку да бидат дел од врвните приоритети кога станува збор за формирање на концептот за општеството во кое живееме. Се работи за суштествената потреба од избавување и гледање напред, во иднината, стремеж кон прогресот кој никогаш не е ограничен само на материјалните потреби и економската благосостојба, а секако дека е предуслов и за таквиот напредок.

Концепт и проект

Неопходно е да се разберат настаните и процесите, за да се формира мислење и да се испланира дејствувањето, како на индивидуално, така и на колективно ниво, како во сферата на општественото, така и во домените што се подразбираат под поимите институции и држава. Овој проект е одговор на таа потреба. Почнувајќи од личните искуства и промислувања поврзани со идентитетските прашања, завршувајќи со бравурозни анализи на глобалните трендови и на важните историски и општествено-политички процеси што се неминовно поврзани меѓу себе, овој проект претставува уникатен јавен ресурс со одговори на суштинските прашања за македонската, регионалната и светската реалност во која живееме.

Затоа... Поаѓајќи од длабоката потреба да се дефинираат, Џабир Дерала: За идентитетите, од сите аспекти, без задршка обмислуваат и преосмислат поимите, перцепциите и праксата поврзани со идентитетските прашања што се во суштината на спорот меѓу Македонија и Грција, но и многу пошироко, ЦИВИЛ го постави концептот за еден сеопфатен и слоевит проект што воедно претставува отворена платформа за понатамошно дејствување.

Главната цел на проектот е да се спротивстави на говорот на омразата и лажните вести со кои е нападнат процесот започнат со Преспанскиот договор и да ја зајакнат свеста за вистинските димензии и придобивки за целата земја. И повеќе од тоа. Овој проект е своевиден повик да се надмине културата на непријателско и деструктивно дејствување во јавниот дискурс, а да се промовира културата на дијалог и промоција на современи, прогресивни идеи и вредности.

Затоа, овој проект покани истакнати интелектуалци и креатори на јавното мислење да зборуваат и да пишуваат статии за нивните сфаќања и искуства кои проектот ќе ги спротивстави на лажните вести и деструктивните димензии на националистичката реторика и антизападното дејствување. Тука ќе се сретнат луѓе, познати имиња од областа на науката, политиката, медиумите и граѓанското општество. Тие со јавноста ги споделија своите наоди и ставови во поглед на идентитетските прашања од низа интересни аспекти. Тоа го сторија на панел дискусија (Скопје, 15/11/2018) од кои произлегоа текстови и авторизирани транскрипти.

Во проектот учествуваше целиот тим на ЦИВИЛ од кои некои се појавија и како авторки и автори на панел дискусијата и во оваа книга што произлегува од неа, а другите се авторки и автори во медиумската продукција на организацијата и креаторки и креатори на активностите за јакнење на јавната свест и граѓанската едукација.


Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или...?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English