Иако дождлив и облачен ден, со температури пониски за неколку степени, како најава за престојната изборна зима, тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во петокот помина извонреден ден со жителите на четири општини во Источна Македонија: Кочани, Штип, Свети Николе и Велес.
Генерално, сликата за животот во овие општини, го потврди впечатокот и оправданоста на проектите „Набљудуваме“ и „Напред!“, коишто ги спроведува ЦИВИЛ, за што поголема вклученост на граѓан(к)ите во изборниот мониторинг во текот на изборниот процес за вонредните парламентарни избори, закажани за 11-ти декември, но и за подигнување на свесноста на гласачите дека, согласно Уставот и законската регулатива, ним им се загарантирани правата на слободно гласање, без притисоци, и какви било закани од политичките субјекти или кои било други структури во општеството. А, граѓан(к)ите ја акцентираа потребата од граѓанска активност во своето опкружување, покажувајќи особен интерес за двата проекта: „Набљудуваме“ и „Напред!“.
Тимот на ЦИВИЛ во сите општини подели стотици триплети со информации за содржината на проектот „Набљудуваме“. Во неспоредни средби со граѓан(к)ите им беа пренесени сите потребни информации за можностите да бидат краткорочни и долгорочни набљудувачи на ЦИВИЛ, во изборниот процес што треба да биде заокружен со гласањето на 11-ти декември.
Едновремено, беа остварени средби со претставници на невладиниот ресор, при што беа разменети потребните информации, за што поквалитетно вмрежување и успешна реализација на активностите предвидени со проектите „Набљудуваме“ и „Напред!“.
Тимот на ЦИВИЛ на средбите со политичките партии ги презентираше своите активности, притоа, поканувајќи ги на што подобра соработка, со цел, секој од своја страна да даде придонес во реализацијата на парламентарните избори – со императивот поставен и од меѓународната заедница, да бидат кредибилни.
А, средбите со медиумите беа искористени и како можност, да се апелира до граѓаните, за нивно учество во изборниот мониторинг. Едновремено, беа испратени и пораки до граѓан(к)ите дека во ЦИВИЛ како и досега, може да ги пријавуваат сите регистрирани аномалии и неправилности поврзани со изборниот процес, воопшто сѐ што значи кршење на нивните уставни и законски права, политичка дискриминација, мобинг, сите форми на притисоци, закани, уцени, мито и корупција… Интересот на граѓан(к)ите беше на многу завидно ниво.
Инаку, проектот „Набљудуваме“ е финансиран од амбасадата на САД, а „Напред!’“ од амбасадата на Република Германија во Македонија.
Моника Талеска