„Избори на 11-ти декември секако ќе има, а тоа што некои од политичките партии сè уште не почнале да се подготвуваат за политичка кампања, само значи дека ќе загубат на избори“, вели европратеникот Иво Вајгл, како одговор на укажувањето на ЦИВИЛ – Центар за слобода, дека во разговор со претставниците на политичките партии во Македонија, може да се донесе заклучок дека ВМРО–ДПМНЕ не ги ни започнала своите предизборни активности во локалните партиски штабови. Како што соопшти Вајгл, овој податок го добил и тој при последната посета во Скопје.
Ставот дека изборите закажани за 11-ти декември нема да се одложат, го делат и европратениците Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои во Европскиот парламент одржаа средба со претставници на граѓанскиот сектор во Македонија, меѓу кои беше и претставник на ЦИВИЛ. Според нив, ако некоја партија одлучи да не се активира во предизборниот период тоа е нејзино право и тоа никако нема да влијае врз утврдениот датум за избори. „Отсуството на активности пред избори, исто така е активност“, е ставот на Кукан.
„Сепак, сите политички партии мора да бидат свесни дека не е доволно да се обезбедат услови за фер и демократски избори, особено важно е да се прифатат резултатите од изборите и да не се оспоруваат“, смета Вајгл.
На прашањето на ЦИВИЛ, како ќе се одрази одлуката да не се продолжи мандатот на Специјалното Јавно обвинителство, врз владеењето на правото во земјата, европратениците одговорија дека тоа е внатрешна одлука на државата и дека врз тоа не можат да влијаат. Сепак, тие се согласни дека на СЈО треба да му се овозможат услови да ја заврши работата во предвидениот мандат.
„Непродолжувањето на мандатот на СЈО, ќе влијае врз започнување на нови истраги, но истрагите кои веќе се во тек, ќе продолжат“, истакна Ховит, според кого, СЈО и покрај сите критики од дел од пратениците, покажа дека е транспарентна институција која во своите истраги е неселективна и непартиска.
„На дел од политичарите во Македонија, веќе им препорачав да си најдат добри адвокати“, вели Вајгл, кој уште еднаш безрезервно го поддржа СЈО.
Европратениците средбата ја завршија оптимистички, дека ситуацијата во Македонија по изборите на 11-ти декември, конечно ќе се подобри и нема да се повтори политичката криза во која живееме изминатите две години.
„Договорот од Пржино мора да продолжи да се имплементира и сите останати договори кои ќе се склучуваат во иднина, ќе бидат продолжување на принципите утврдени со овој договор во кој учествуваа најголемите политички партии во Македонија“, е ставот на Кукан со кого се согласни и Вајгл и Ховит.
Средбата со европратениците која се одржа на 11-ти октомври во Европскиот парламент во Брисел, е дел од проектот „Граѓанското општество за европска интеграција“, што го спроведува Центарот за меѓукултурен дијалог од Куманово.
Марија Теговска