Сабота, 15-ти октомври, 2016-та. Изутрина. Тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода на пат кон североистокот од Македонија, со цел – мобилизација на граѓанки и граѓани за краткорочни и долгорочни набљудувачи на претстојните предвремени избори…
Наплатна рампа пред Куманово. Нервозни возачи, реагираат: „Патот е ужасен, колку време треба да се изгради, уште колку? Секој ден слушаме вести по медиумите, дека се вложува инфраструктурата, дека сите патишта се изградени… До кога ќе нé лажат?!“, револтирано коментира еден возач, подготвен во знак на протест, да не ја плати патарината од симболични 40 денари.
Куманово. На плоштадот пензионери муабетат за политиката… „Добар е Груевски, ќе победи… Може треба нешто да менува, ама види, добро е, пензијата ни се зголеми пак за 500 денари“, вели едниот, местејќи го качкетот на главата.
А, другарот до него, се спротивставува со свои аргументи: „Што е добро, тоа што внуците ми заминаа по странство, тоа што снаата нема ни ден работен стаж, а чекори кон петата деценија? Добро е што син ми работи за 200 евра плата кај приватник? Те молам, ајде тераш политики само“.
[huge_it_gallery id=”13″]
Тука, пред споменикот „Батко Ѓорѓија“ каде што вообичаено ги ставаме банерите и дистрибуираме триплети, сретнавме и млади луѓе. Ниту радост, ниту тага не можевме да прочитаме на нивните лица.
„Планирам да продолжам со школувањето во Франција. Не сакам да учам овде, нема иднина, едноставно, партиски книшки, редовно присуство на партиски состаноци, па организирано одење на митинзи по градови… Не ме мотивира тоа, и не ми е битно. Сакам да напредувам во кариерата и да имам убав живот, затоа извадив и бугарски пасош“, вели Ана, но избира, сепак, да не ни го открие до крај идентитетот.
Локалната власт во Куманово е на СДСМ, централната е на ВМРО-ДПМНЕ. А, тоа не е добро за градот. Многу проекти, сметаат граѓаните, остануваат во фиока, без оглед од која партија потекнуваат, зашто, штетите се врз нивен грб.
Во Старо Нагоричане нé пречека тишина. Сонцето пробиваше пат низ облаците, се насетуваше дожд. Просторот околу црквата „Великомаченик Георгиј“ добро уреден, ја истакнуваше убавината на овој православен храм. Но, овде речиси и да нема граѓани по улиците, кои ќе уживаат во оваа прекрасна глетка, во чистиот воздух и есенската идила која наѕира и низ копите со слама во дворовите.
„За пет денари, блачко бараат…, а што има за пет денари на денешницава. Ама добро е, како- така, се живее, ќе дојдат луѓето, ќе поткупат нешто, леб, брашно, сол, шеќер, масло… Ќе се собере колку за минимална плата“, ни рече Мирјана Ѓориќ, сопственичка на продавницата.
Таа со семејството практично живее во Куманово, но таму доаѓа секој ден на работа. Изградиле куќа со надеж дека ќе има подобри услови за живот во Нагоричане. Ама, според неколкутемина други жители што ги сретнавме, работите не одат на добро.
„Ништо овде не е добро. Ништо арно не се случува. Притисоци од власта, злоупотреби на кадри, вработени во јавни претпријатија, а ги вика директорот да работат дома, да му ја ѕидаат куќата, што се вели… И не смее никој да се пожали. Овде скоро сите се за ВМРО-ДПМНЕ, но ние жителите на Старо Нагоричане не сме задоволни од власта, сакаме промени и подобри услови за живот“, ни рекоа неколкумина жители кои инсистираа на анонимност.
Жените пак забележаа дека ова е општина на беќари и моми, кои зачекориле во четвртата деценија, но кои сé уште не формирале семејство.
„Ниту се женат, ниту се мажат, ниту имаат намера да го направат тоа. Велат, немаат услови, без работа се. И многу ги има со бугарски пасоши, масовно ги вадат и чекаат подобра прилика, да заминат во странство. Пусто е овде“, велат нашите соговорнички, мајки загрижени за иднината на своите чеда.
Луѓето живеат од сточарство и од земјоделство, раците им се огрубени, брчките на лицата зборуваат за маките и страдањата низ кои минуваат со децении. И по 25 години македонска независност, овде состојбата оди на полошо. „Белата чума“ е закана за ова населено место, населението нагло остарува, жителите кои немаат друг избор, живеат во апатија.
Ни во Ранковце не е ништо подобро. Пред продавницата нé пречекаа неколкумина жители на возраст од околу 40-ина години. Полни со револт кон сé што се случува. Нема работа во ова населено место, се жалат, нема напредок и ништо подобро не ни очекуваат.
А, еден повозрасен жител, пред чија куќа двајца работници сечеа дрва за долгата зима, ни раскажа дека овде „сите комшии“ имаат и бугарски пасош.
„Што да очекуваш од Ранковци, кога луѓето, моите партнери од Струга, Албанци по националност, имаат бугарски пасош. Па, на сите ни е битен бизнисот, животот, пасошите се виза за Европа, тие немаат врска со државата, со патриотизмот…“, вели нашиот соговорник.
Во Крива Паланка пак нé пречека голема група граѓани од соседна Бугарија, дојдени на шопинг. На улицата крај реката – голема раздвиженост, и помлади, и повозрасни. Оние што се одлучија да поразговараат со нас, нé поздравија со насмевки.
„Ве поддржуваме во сé што работите, ја следиме вашата активност. А, животот овде, ех… Но, не само во Крива Паланка, никаде во државата не чини работата. Бугарски пасоши имаат речиси сите, а оние коишто сé уште не извадиле, сигурно чекаат на ред. Како поинаку? Ако работите не тргнат на подобро, ако и натаму нема работа и можност за напредок, сите ќе ја напуштиме државата, не само младината“, ни рекоа овие луѓе.
Откако ги поделивме триплетите, ги известивме граѓаните за можноста да се вклучат во изборниот мониторинг на ЦИВИЛ, во рамки на проектот „Набљудуваме“, го напуштивме градот. Но, празнината остана.
Сите овие населени места се дел од нашата работна агенда, подолго време. Наместо напредок, развој, нови работни места, валоризација на трудот, имплементација на модели за мотивирање на младите да останат во својата државата…, реалноста е погубна, депресивна. Апатијата пуштила корени во овој дел на Македонија, терминот за бугарски пасош, станал побитен од терминот кај матичниот лекар… Очите на граѓаните се свртени кон Европа, нивните планови и иднината, исто така!
На крајот од денот, кога и ние бевме револтирани, зашто ни требаше време да минеме по сé уште неизградениот пат од Куманово во Скопје, остана дилемата: Ќе дозволиме ли „европеизацијата“ да ја исели Македонија, или, на овие избори ќе ги отвориме вратите на Македонија, сигурно да зачекори кон Европа?
Моника Талеска