„Бараме здравство кое лечи, а не ‘Мој термин’ кој пречи!“, „Бараме здрава животна средина, оти во загадена, трето дете не расте!“, „Бараме полиција во служба на граѓаните, а не на власта!“, „Доста гласаа вреќите брашно, списоците и уцените!“, „Бараме подобро, можеме подобро!“, одекнуваше денеска пред Собранието на Македонија, како дел од најавата за почетокот на граѓанската акција „Ние одлучуваме“.
Како што беше истакнато на прес-конференцијата, акцијата има за цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓан(к)ите да учествуваат на изборите на 11-ти декември и да регистрираат злоупотреби за изборни цели, закани и заплашувања.
„Оваа акција има за цел да ја потенцира важноста од одржување на изборите на 11-ти декември. Во рамки на акцијата предвидени се мотивирачка кампања, бесплатна СОС-линија за пријавување повреди на гласачкото право и мониторинг на предизборните партиски кампањи“, истакна Ирена Стеријовска, која го претстави и весникот „Ние одлучуваме“.
„Никој нема право да ги прашува граѓан(к)ите за кого ќе гласаат, ниту тие имаат обврска да кажат како гласале. Изборните притисоци и закани се кривично дело и треба да се пријават. Граѓанската акција ќе ги следи предизборните вработувања, буџетските плаќања и користењето на државните средства за партиски цели“, изјави Драган Додевски, кој најави мониторинг и на работата на МРТВ како јавен сервис и локални акции и караван низ градовите.
Љуми Бекири ја потенцираше важноста од вклучувањето на младите, затоа што според него, политиката им припаѓа и на младите. „Ние можеме подобро, но исклучиво со гласот и ангажманот на младите и затоа ги мотивираме да преземат акција, да се заангажираат за политичката понуда и да гласаат по свое“, вели Бекири.
Акцијата ќе се спроведува низ цела Македонија, а дел од неа се повеќе од 20 организации.
Марија Теговска