ЦИВИЛ отвори Апликација за пријавување на изборните набљудувачи на денот на изборите на својата веб страница #СлободниИзбори.
Веб страницата, која ЦИВИЛ ја лансира уште во 2013 година за граѓанките и граѓаните да пријавуваат изборни нерегуларности во текот на изборниот процес, сега содржи и многу едноставна онлајн Апликација.
На веб страницата #СлободниИзбори е и рубриката Ресурси од која посетителите можат да преземат публикации посветени на изборното набљудување на ЦИВИЛ.
Освен на онлајн апликацијата, отворена е можноста кандидатите да се пријавуваат и преку електронска пошта на [email protected] или на Фејсбук страницата за #СлободниИзбори, но може да дојдат и лично во седиштето на ЦИВИЛ. За повеќе информации, граѓанките и граѓаните можат да се јавуваат на телефонот 02 / 520 91 76.
Услови за спроведување на работните обврски на акредитираните набљудувачи на ЦИВИЛ се: Набљудувачите на ЦИВИЛ немаат партиски или друг ангажман за набљудување на изборите и го спроведуваат изборниот мониторинг само за ЦИВИЛ. Набљудувачите на ЦИВИЛ строго се придржуваат кон принципите за непристрасност и неутралност, ги следат упатствата и налозите од организацијата и го спроведуваат мониторингот на изборите во согласност со Изборниот законик и Кодексот за набљудување. Извештаите се прецизни и веродостојни, поткрепени со факти.
Набљудувачите на ЦИВИЛ се мобилни и се ставаат на располагање според планот за изборен мониторинг, на локации кои ќе им бидат соопштени непосредно пред денот на изборите. Набљудувачите на ЦИВИЛ ја почитуваат тајноста на податоците и информациите добиени во текот на работата во ЦИВИЛ, за што е одговорен/одговорна пред соодветните закони за чување на службена тајна.
Активни проекти на ЦИВИЛ за набљудување, едукација, јакнење на јавната свест, истражување и публикување:
- НАПРЕД! – финансиран со германски средства при Пактот за стабилност на Југоисточна Европа
- НАБЉУДУВАМЕ – финансиран од Амбасадата на САД во Скопје
- ГРАЃАНСКИ ОБЈЕКТИВ – финансиран од National Endowment for Democracy
- ЦИВИЛ е дел од програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).