Пред неколку години, Ласте Ивановски добил отказно решение од Царинската управа, затоа што службеното возило го вратил два часа по крајот на работното време, период во кој, како самохран родител, враќајќи се дома, попатно го возел своето болно дете на лекар. По инцидентот на дополнителниот заменик-министер Диме Спасов, кој возејќи службено возило на друга институција, без патен налог, околу полноќ, направи сообраќајка и избега од полицијата, и потоа не поднесе оставка и неколку дена се криеше од јавноста, Ивановски резигнирано тврди дека „државата за некого е мајка, а за некого е лоша маќеа“.
Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов во ноември 2009 година донел решение со кое му изрекол престанок на работниот однос на вработениот возач Ласте Ивановски, „поради кршење на работниот ред и дисциплина и неисполнување на обврските“, затоа што на два пати го користел службеното возило „неовластено, по работно време“ и не ја „пополнувал правилно пропишаната документација за употребата на возилата, за потрошеното гориво и поминатите километри“.
Комисијата за решавање на прашања од областа на работните односи го прифаќа приговорот на царинскиот службеник кој не се согласувал со причините за отказот, и на 22 март 2010 година го изменила решението на директорот на Царинската управа, и донела решение со кое на Ивановски му се изрекува парична казна – во висина од 10 проценти од неговата плата, во траење од 6 месеци.
„Возачот е самохран родител кој достави писмени докази дека го користел возилото за службени цели, а на враќање на работа, попатно застанал дома, поради тоа што му било јавено дека неговото малолетно дете било болно и затоа морал да го однесе на лекар со службеното возило, бидејќи тоа друг не можел да го направи наместо него“, пишува во решението.
Но, директорот Каргов одбива да ја спроведе одлуката на судот. Затоа што не го вратил Ивановски на работа, тој добил и пресуда од Основниот суд Скопје 1, но подоцна е запрена кривичната постапка, бидејќи јавниот обвинител се откажал од предлогот.
Ивановски и денес, не може да се помири со неправдата. Тој реагираше по инцидентот на заменик-министерот Диме Спасов и реакцијата на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и резигнирано изјави за ЦИВИЛ Медиа, дека државата за некого е мајка, а за некого е лоша маќеа.
„Пред некој ден, заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на полноќ, по работното време, направил сообраќајка, и наместо да одговара за направениот прекршок и да си ја признае вината, од неговата партија ВМРО- ДПМНЕ, излегоа со соопштение во кое велат: ‘Што се 150 евра материјална штета?’. Ете, сега, и јас ги прашувам, колкава штета направив јас, со службеното возило што го возев по работното време, од Здравствениот дом ‘Јане Сандански’ до Царинската управа, за да добијам отказ?! Според логиката на ВМРО- ДПМНЕ, јас со моето постапување ја оштетив државата, помалку и од еден литар бензин“, изјави Ласте Ивановски за ЦИВИЛ Медиа.
Ивановски се надева дека наскоро, правниот систем конечно ќе профункционира и дека законот ќе важи еднакво за сите граѓани.
Дехран Муратов