Презентација на публикацијата „Ние сме медиумите!“

Ние сме медиумите!“ е двочасовна мултимедијална презентација на проектот „Граѓански објектив“ што ќе се одржи в петок, 4 ноември, во Младинскиот културен центар (МКЦ), на катот над кино „Фросина“, со почеток во 11:00 часот.

Граѓански објектив“ е проект во чии рамки граѓанските новинарки и новинари снимија и објавија десетици видео изјави, фотографии и текстови за бројните злоупотреби и кршењето на човековите права во изборен контекст и пошироко.

На оваа мултимедијална презентација ЦИВИЛ - Центар за слобода ќе ја промовира публикацијата „Ние сме медиумите!“ во која се поместени искуства, извештаи и извонредни текстови на автори кои пишуваат за слободата на изразувањето, за трансформацијата на медиумите, за македонските состојби, за историјата на граѓанското новинарство...

Публикацијата ќе биде објавена на македонски, албански и англиски јазик во печатена и електронска форма на онлајн каналите на ЦИВИЛ.

Исто така, ЦИВИЛ објавува и истоимено електронско издание на ДВД кое, освен публикацијата на трите јазици, содржи и 45 видео-прилози, фотографии и текстови на наградените прилози на граѓанските новинарки и новинари од целата земја. На презентацијата ќе биде отворена и изложба со фотографии од граѓански новинари и од проектот.

Посетителите ќе имаат можност да добијат бесплатни примероци од публикацијата, ДВД, беџови, да ја проследат изложбата и да се запознаат со условите за учество во проектите на ЦИВИЛ, посветени на граѓанското новинарство и на изборното набљудување.

Поканети се добитниците на наградите, предавачите на семинарите за обуки, медиумите, претставниците на граѓанските организации и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.

Please follow and like us: