Невработеноста на младите, особено на високообразовните кадри, стремежот за остварување повисоки плати со кои ќе си обезбедат подобар животен стандард и несоодветното вреднување на трудот и стручноста, од една страна, и партиските влијанија и притисоци врз младите, традицијата, формирањето бројни заедници на граѓани од Република Македонија во странство и миграциските врски, од друга страна, се причините за масовното иселување од северо-источна Македонија, според истражувањето на невладината организација „Извор“ од Кратово.
Во рамки на проектот „Нова надеж, нови перспективи“, НВО „Извор“ го елаборира проблемот, врз основа на спроведена опсежна анализа и анкети во шест општини: Куманово, Кратово, Крива Паланка, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце.
Притоа е утврдено дека во 2015-та година, во овие општини вкупно живееле 176.204 граѓан(к)и, а евидентен е природниот прираст од само 137 лица. Стапката на невработеност изнесува 43.2 %, а на вработеност – 30.6 отсто. На вработените им била исплатена просечна нето плата од по 16.848 денари. Според податоците од истражувањето, новоотворени се 400 правни субјекти, а се затвориле 415 фирми. Така што, 580-те нови дипломци од минатата година, практично немаат ни можност за вработување во постоечките 4.139 претпријатија.
Анализата покажува дека во 2012 година од Куманово се отселиле 237 лица, од Кратово – 53, од Липково – 153 и од Старо Нагоричане – 27 лица. Ова се официјалните, но неофицијалните бројки се сигурно многу поголеми, зашто државата нема законски механизми коишто може да го покажат реалниот број на иселени граѓани и објективната слика за демографските движења.
„Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ. Се урна Шенгенскиот ѕид, а со тоа се доби можност за безвизна посета на европските држави за македонските граѓани. Се зголеми можноста нашите граѓани да патуваат во странство, а со тоа и нивната желба да останат во државите, поради подобар економски просперитет, личен, но и на семејствата. Северо-источниот плански регион не остана имун на тие предизвици. Па, очигледно, е дека заминале голем број граѓани, напуштајќи го местото на живеење“, констатираат од граѓанското здружение „Извор“.
Преку бројни неформативни средби, јавни трибини, разговори со поединци и неформални групи, идентификувана е состојбата со миграцијата во регионот, проблемите со кои се среќаваат жителите, нивните потреби, па дури и нивните размисли како да се стопира овој процес и да се придонесе за создавање услови за намалување на невработеноста и за воспоставување мерки за намалување на миграцијата.
Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека за четири години, речиси 5.000 граѓан(к)и од Македонија официјално го одјавиле местото на живење, односно, евидентно е дека од година во година, бројот на граѓани кои се иселуваат од државата е во пораст. Но, дека континуран пораст бележи и трендот, стручни луѓе, научници, да ја напуштаат Македонија!
Овие тенденции имаат свои негативни импликации со долгорочно дејство, врз повеќе домени, особено демографскиот и социо-економски развој. Миграциите директно влијаат врз репродуктивната популација, се менува старосно-половата структура на населението, а тоа индиректно влијае врз интензитетот на природното движење на населението, се забрзува процесот на демографско стареење на регионот.
„Оттука, се зголемува и коефициентот на старосна зависност на старите, со што се претпоставува поголема оптовареност на пензискиот систем, базиран на уплатени придонеси. Намалувањето на нивото на човечки капитал, имплицира негативни ефекти во областа на социо-економскиот развој на регионот и на научно-истражувачката дејност. Во услови на огромна потенцијална интелектуална емиграција, прашањето на ‘brain drain’ или ‘одлив на мозоци’, треба да се смета како загрижувачко. Иако огромните диспаритети во економскиот развој на регионите, главно се наследени, како резултат на концентрацијата на големите претпријатија во Скопскиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион, но, и на внатрешната миграција на населението“, стои во истражувањето.
Концептот за рамномерен регионален развој е дел од обврската на Македонија, како земја-кандидат за влез во ЕУ. Но, иако Владата донесе Стратегија за регионален развој со важност од 2009 до 2019 година, се чини, дека на терен нема видливи промени и покрај заложбите, преку техничко-технолошко осовременување на стопанството, ефикасно планирање на урбаниот развој и со рационалното користење на природните ресурси, да се подобри ситуацијата“, оценуваат во „Извор“.
Оваа невладина организација во своето истражување препорачува сет од мерки кои што би донеле, во најмала рака, до ублажување на проблемот, а со доследна примена и до стопирање на „белата чума“. Дел од тие мерки се во насока на измена на законската регулатива, доследна примена на законските норми за вработување, поттикнување и поддржување на дејностите на приватните претприемачи, сузбивање на политизираноста во сите сфери на живеење, создавање можности за меѓуетничка соработка и едукација, подигање на свеста кај младите во образовните институции, создавање услови за подобрување на социо-економската состојба на населението во регионот.
„Извор“ препорачува да се направат темелни истражувања на локалниот пазар на трудот, зголемување на информираноста на младите за потребите на локалниот пазар на труд и нивно поттикнување, но и подобрување на условите за отпочнување сопствен бизнис. Имплементација на сеопфатна и кохерентна национална миграциска политика, конципирана врз база на релевантни сознанија, со учество на сите владини институции и во тесна соработка со сите заинтересирани страни, како и ангажирање на релевантни партнери на национално, регионално и интернационално ниво се, исто така, дел од мерките коишто ги препорачува „Извор“.
„Проектот го работевме околу 10 месеци. Резултите од истражувањето добро е да ги имаат предвид и надлежните институции, при изработка на национална стратегија за стопирање на масовното иселување на цели семејства од северо-источна Македонија, особено младите, квалитетни кадри, коишто своето знаење може да го инвестираат во својата земја“, вели Милош Димитровски, претседател на НВО „Извор“, од Кратово.
Стратегијата за миграциии во Северо-источниот плански регион е дел од проектот на „Извор“, финансиран преку програмата за мали грантови од „Цивика Мобилитас“.
Моника Талеска