Рани часови во едно обично, сиво утро, сите околу мене брзаат на работа или на училиште, сообраќајот е во хаос, а луѓето, меѓусебно и не погледнувајќи се, се разминуваат… Чекајќи го првиот автобус за да стигнам до работа, на мојата станица во Бутел, умот ми бега што подалеку од реалноста…
Автобусот, нормално, ми „избега“ пред нос, и иако обично не користам такси, зашто е луксуз што не можам да си го дозволам, ова беше ситуација во која морав да направам компромис. Забележав возило од компанија за која создадов позитивно мислење уште на времето, кога со братучедите шетавме и собиравме визит- картички од таксистите. Веднаш по влегувањето, се поздравив срдечно со возачот, како да го познавам човекот со години, ја кажав дестинацијата и тргнавме…
Сосема случајно го прашав дали тој ден се одржува некое од судењата кои со месеци наназад го блокираат Скопје. Таксистот ми одговори дека за среќа, дента градот не е блокиран и се замислив за маката која тој и неговите колеги ја мачат, додека се нервираат поради блокадите кои едноставно, им ги бркаат муштериите.
„Не можам да работам, патниците ми се нервираат, јас застанат на улица, автомобилот ми троши гориво. Се вратив дома порано, без никаков ќар. Не е во ред родителите да бараат пари од своите деца“, ми рече таксистот.
И, ме „уништи“… Таквите емоции ги познавам добро. И моите најблиски другари ги познаваат. И сé повеќе луѓе, добро го знаат чувството – да се нема, да се бори за опстанок во ненормално време, исполнето со предизвици.
„Колективна апатија нé има фатено момче, народот е непродуктивен, бидејќи е несреќен. Затоа што е угнетен, од секоја страна нападнат, а никој не се бори за него и за неговите права. Ни треба помош!“, продолжи со монологот возачот. Зборуваше поелоквентно и со повеќе емоции и познавање на реалноста, отколку било кој политичар што сум го следел на медиумите. Тој сакаше да зборува и како да знаеше дека ќе го сослушам. И ќе го разберам.
Секоја чест на тој чесен човек кој секојдневно се бори со сообраќајот, со законите и даноците, со барањата на муштериите, со фискалните сметки и казните од полицијата…., само за да ја заработи дневницата. Искрено, се надевам дека и таксистот, и сите ние, во оваа наша држава, еден ден заедно ќе се избориме за подостоинствен живот, многу поубав, за нашите деца и за следните генерации.
Зашто, сакам да верувам дека – колку и да е длабока колективната апатија – незадоволството, сепак, оди кон кулминација. И, затоа, нека му ја мислат сите оние кои и од традиционалните слушатели на туѓи маки и монолози – таксистите, направија разочарани луѓе кои се жалејќи се на политиката, сиромаштијата, депресијата…, бараат помош од патниците.
Само, сé се мислам, колку ли долго ќе биде блокиран градот за време на нивните судења?