Поминаа три години откако власта употреби сила врз новинарите кои протестираа против одлуката од 4,5 години казна затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Неколку стотици новинари и граѓански активисти беа спречени од полицијата да го изразат својот протест поради казнувањето на Кежаровски пред Музејот на ВМРО. Извикувајќи „Слобода“ и „Полициска држава“, згрозени од однесувањето на полицијата, демонстрантите не се повлекоа тогаш и останаа доследни во својата борба до ослободувањето на Кежаровски.
По повод утрешното одминување на тригодишното патешествие, поминувајќи низ лавиринтите на судовите, затворот, до конечното ослободување и борејќи се за вистината и за слободата, Кежаровски на својот Фејсбук профил најави:
„Почитувани колеги, Ве информирам дека утре, 23 октомври, точно напладне на плоштадот „Филип Втори“, кај Музејот на ВМРО, онаму каде што Вие на 23 октомври во 2013 година, го одржавте протестот поради пресудата што ми беше изречена и од каде побаравте мое ослободување.
Ве повикувам симболично да го одбележиме денот кога полицијата крена рака врз новинарите, кога полицијата се обиде да ги замолчи новинарите…“
ЦИВИЛ тогаш покрена меѓународна кампања за активизам преку социјалните мрежи „Клик за слобода“ со повеќе меѓународни организации за човекови права и медиумски слободи со цел да се изврши притисок против неправдата нанесена врз македонскиот новинар Томислав Кежаровски.
Со остра осуда кон ваквото неправедно лишување од слобода ЦИВИЛ, заедно со n-ost, Reporters without Borders (German Section), Scoop и BIRN, беше истраен во заложбите и поддршката до конечното ослободување на Кежаровски.
ЦИВИЛ го поддржува повикот на Кежаровски да се одбележи и оваа борба.
Биљана Јордановска