Ден на востанието во Македонија, 11 Октомври, оваа година, ќе биде во знакот на протестен граѓански марш под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“. Според најавите, маршот ќе започне од 14 часот, на раскрсницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Френклин Рузвелт“.
Иницијатори на маршот се Вера Бунтеска, Сојуз на борци, Златко Ориѓански, музичар, Ирена Ристиќ, актерка, Томислав Кежаровски, новинар, Бени Шаќири, музичар, Атанас Костовски, спортски новинар во пензија, Влатко Васиљ, твитерџија и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Мотивот за приклучување на протестниот марш на истакнатите јавни личности е ослобoдување на Македонија од десетгодишната окупација и продолжување на борбата за слобода и правда затоа што е крајно време да се продолжи напред. Според нив, минатото треба да нѐ поучи да се гледа кон иднината, а не да се враќаме кон него. Она што сите ги поврзува е заложбата за модерно општество во кое ќе се почитува слободата на изразувањето, а граѓанките и граѓаните во Македонија ќе можат да живеат слободно.
„Кога правдата е во прашање, нема да бидам во колоната што протестира, туку ќе бидам пред колоната. Настојувам да нема наши и ваши, сите да сме еднакви пред Уставот и законите, да има правда и правичност“, истакна новинарот Томисла Кежаровски на вчерашната прес-конференција на иницијаторите на маршот.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во најавата на граѓанскиот марш рече дека 11 Октомври е симбол на народното востание, но и на борбата за слобода и на граѓанскиот пркос.
„Нашето оружје е нашиот глас. Нашиот глас е оружје што вели – да на животот во Македонија и гласот што вели – не на режимот“, истакна Заев во својот повик до сите граѓанки и граѓани да се приклучат на маршот во вторник, прославувајќи го 11 Октомври, празник што ги најавува промените во Македонија.
Б. Ј.