Го сретнавме случајно во Богданци, при дистрибуција на триплетите од проектот „Набљудуваме“. Излегуваше од маалската продавница, со празно шише под пазувите. Кога нé здогледа, широка насмевка му го огреа лицето на овој 92-годишен, некогашен борец…
„Кое добро ве носи деца, овде во Богданци? Не чини работата, сé е празно, пусто! Младите избегаа, заминаа во другите земји, во странство ќе работеле на брод, таму ќе живееле… Овде луѓето се нерасположени, замислени… Ех, Богданци, пред години беше како Монако… Овде беше преубаво за живот, а денес?! Луѓето пари немаат да врзат крај со крај. Ама, и тоа да го оставиме… Не чини работата со државата. Не одат добро работите. А, не се боревме за ваква Македонија. Тогаш, на Сремскиот фронт, со каква надеж само ги држевме пушките, за слобода, за напредок, за една друга Македонија“, ни рече овој 92-годишен жител на Богданци.
Се разделивме во брзина, не се ни поздравивме убаво, зашто таков беше денот, тимот на ЦИВИЛ тој ден имаше агенда од пет општини: Гевгелија, Богданци, Дојран, Валандово и Струмица. Но, оваа средба долго ќе ја паметиме со колегите, особено поради пораката на овој некогашен партизан:
„Нека не биде напразно жртвата на сите борци кои загинаа на фронтот. Продолжете ја борбата, за слободна и напредна Македонија, за да ни се вратат овде младите, да биде оваа држава за пример, луѓето да бидат среќни, да одиме сите напред“, ни рече борецот, стегајќи ни ја цврсто раката.
Дури откако тргнавме на пат, сé уште под импресии од средбата, сфатив дека ни името не му го знам на овој прекрасен човек, на овој борец кој има свој придонес во НОВ, во борбата против фашизмот.
Сепак, овој запис ќе сведочи и натаму за неговиот влог, но и за аманетот „да ја чуваме, Македонија!“.
Моника Талеска