За дебатата „Жените во политиката“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања со политичарките Лилјана Поповска (ДОМ), Влера Ејупи (ДРДПА), Радмила Шекеринска (СДСМ) и Теута Арифи (ДУИ).
ЦИВИЛ Медиа: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жените во политиката?
ПОПОВСКА: Живееме во машко општество со милениуми и затоа прв предизвик со кој се судрува секоја политичарка е судирот со предрасудите и стереотипите на општеството за улогата и местото на жената во него. Понатаму, предизвик е секако и балансот меѓу професионалниот и приватниот живот, што е поврзано пак со обезбедување на стабилно финансирање на политичката кариера и е еден предизвик кој за мене лично бил прилично голем: да се надмине машкиот стил на водење на политиката, особено на кампањите.
ЦИВИЛ Медиа: Кои родови прашања ги застапувате и со какви успеси можете да се пофалите во својата политичка кариера на тема родова еднаквост?
ПОПОВСКА: Во 2000-та година бев една од иницијаторките на македонското женско лоби кое што ги обедини жените од различно политичко, етничко и верско потекло. И токму надминувањето на разликите и постигнувањето консензус околу прашањата што ни беа битни и заедничкото лобирање во јавноста, беше основа за да се постигне голем успех во зголемувањето на бројот на жени во политиката. Така што, од 6 отсто жени во политиката, дојдовме до 30 отсто, а се надевам на последниве избори и над 40 отсто жени во политиката. Токму овој принцип го применував и во работата на парламентарната Комисија за еднакви можности на жените и мажите која што повеќе години ја водев, практично од основањето на таа комисија, според првата верзија на Законот за еднакви можности на жените и мажите, па следните, цела низа години. Во рамките на таа комисија имавме многу јавни расправи со огромен број невладини организации, експерти, луѓе од медиумите и сето тоа на отворени седници. Отворивме многу табу прашања, наметнавме многу теми и најголем дел од одлуките ги носевме со консензус. На тој начин го донесовме и Законот за еднакви можности на жените и мажите, внесовме редица мерки за економско јакнење на жените, за женско претприемништво, рурални жени и слично.
ЦИВИЛ Медиа: Со кои родови прашања (проблеми со правата на жените) ќе настапите на претстојните избори и каква е соработката со Вашата политичка партија во поглед на овие прашања? Колкав простор добива жената во програмата и активноста на Вашата партија?
ПОПОВСКА: Нашите заложби за идниот период се еднаков број на жени и мажи на листите во една изборна единица и отворени листи. Потоа, квоти за градоначалнички… За ова веќе сме поднеле закон што бил одбиен во парламентот, се надеваме во иднина ќе биде прифатен. Потоа, се залагаме за економско јакнење на жените, со баланс на приватниот и професионалниот живот, со флексибилно работно време и со многу повеќе градинки. И, со силни мерки за економско јакнење, со силна буџетска поддршка…, затоа што мерките постојат но се многу слабо финансирани. Исто така, во нашата програма водиме сметка за родовиот идентитет којшто е дел од овој комплекс на прашања за родова рамноправност. Ние како и досега, кога прекршивме редица табуа за правата на ЛГБТ-лицата, така и во иднина ќе работиме, и се надевам дека ќе успееме да се смени конечно Законот за недискриминација со внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за недискриминација.
Маја Ивановска
Камера Дехран Муратов
Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.