Под мотото „Еден за сите, сите за еден!“, Шарената револуција повикува на солидарност и поддршка за нивниот соборец, Павле Богоевски. Собирот е најавен за утре, во 10.45 часот, пред Основниот Суд Скопје 1, за кога е закажано судењето на Богоевски, кој се товари за учество во толпа што извршила кривично дело.
„Продолжуваат притисоците врз луѓето кои секојдневно протестираа и протестираат против овој режим. Продолжуваат да се судат граѓани кои ја критикуваат власта додека криминалците шетаат слободно, уништуваат докази и траги од веќе сторени и вршат нови кривични дела!“, се вели во повикот на Шарената револуција.
„Павле ќе може да го судите само кога Груевски ќе седи на обвинителната клупа во соседната судница, пред навистина независен и непристрасен Суд!“, порачуваат граѓанските активисти.
Претходно на 19 ти и 27 ми јуни, Богоевски заедно со други активисти беше уапсен за учество на протести и поставување на транспарент на Кејот на Вардар.
ЦИВИЛ Медиа во континуитет пишува за притисоците врз граѓанските активисти, посочувајќи на уцените и на заканите на власта за најекспонираните демонстранти на протестите на Шарената револуција низ цела Македонија.