Црн понеделник за жените во Полска. Под влијание на силното лоби на Црквата, Владата во Полска подготвува закон за целосна забрана на абортусот. Предвидената казна за ова „дело“, е пет години затвор, а абортусот ќе биде дозволен само во случаи на силување, или доколку е загрозен животот на фетусот. Во знак на протест, денес жените во Полска не одат на работа, на факултет, во училиште…, се откажуваат од домаќинските обврски… И носат црно! И жените во Македонија, денес ќе носат црно во знак на поддршка, особено поради тоа што пред некоја година, го доживеаја истото. Социјалните мрежи се преполни со коментари и фотографии кои јасно говорат за ставот на жените за едно од најважните женски прашања…
Понекогаш, ми се чини дека оние кои се противат на абортусот, всушност, не размислуваат премногу за живите. Повикуваат на совеста на жените, зборуваат за тоа дека тоа е нивно дете, нивна крв, плод на нивната утроба, или уште подобро, дека матката му припаѓа на детето, ане на жената. Мажите, пак, ретко се споменуваат. Жените се виновни, тие се секогаш виновни! На крајот, тие се оние кои остануваат бремени.
Живееме ли во 21-иот век, или сме заробени во педесеттите години на минатиот? Кои сме ние да судиме некому? Ако не сме подготвени да ја отвориме својата врата на дете чија мајка сакала да абортира, или на едно од илјадниците деца кои животот го минуваат во домови, кои сме ние да кажуваме што било?
Не, абортусот не е лесна работа. Сите ние се надеваме дека никогаш нема да се одлучиме на тој потег. Но, ако мораме, добро е да се знае дека постои избор. Последното нешто што ни треба во таков момент, е молитва за неродениот Петко од десетина душегрижници пред болниците, со пароли кои би требало да поттикнат некакви емоции и да ја променат и онака тешко донесената одлука. Последно што ни треба се кампањи за многудетни семејства, за абортусот како убиство, за „животот е убав“… Особено, во земја каде смртноста на новороденчињата вртоглаво расте секој месец. Во земја во која многу жени немаат гинеколог. Во земја од која младите бегаат со желба за подобар и подостоинствен живот. Во земја во која жените се враќаат векови наназад. Во земја во која се живее од ден – за ден…
Интересна ми е борбата за нероден живот. Се дрзнувам да претпоставам дека поголемиот дел од оние кои се борат за тоа – мојата утроба да не биде мое право, туку право на моето неродено дете – нема да се борат за истото, ако тоа биде лице со посебни потреби, ако е родено или подоцна заболи од некоја тешка болест или, не дај Боже, ако биде геј. Можеби радо би го пратиле на лечење од хомосексуалност, би му ги одземале сите права, би го отфрлиле од заедницата… Таквите, веќе стопати тврделе дека мојот нероден хомосексуалец влијае на квалитетот на нивниот брак, па би му забраниле да биде во брак. За него таков, не би се бореле. Не би им било важно дали е жив. Исто, како што не им се важни сите оние деца за кои секојдневно бараме донации да ги одржиме во живот. Исто, како што не им се важни сите оние деца кои живеат во супстандардни услови. Но, им е многу важно да дојдат на свет. Значи ли тоа дека животот за некого е поважен додека е во утробата? Затоа што, кога ќе се роди, нивната цел е постигната. Потоа, критериумите за важност и еднаквост се поинакви.
Оставете го изборот на жената во нејзини раце, и онака, одлуката е претешка за носење. И сетете се дека последниот пат кога ги помешавте религијата и политиката, луѓе гореа на клади. Ако не се согласуваш со абортусот, едноставно не го спроведувај!