Со 14 експерти, 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи, денеска Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), официјално по втор пат ја започна набљудувачката мисија, откако парламентарните изборите закажани за 5-ти јуни беа одложени.
Станува збор за нова мисија која ја предводи Тана де Зулуета. Како што истакна таа на денешната прес-конференција, мисијата ќе ја оценува усогласеноста на изборите со заложбите на ОБСЕ, со меѓународните стандарди и со домашното законодавство.
Како дел од набљудувачкиот процес, предвидени се средби со претставници на државните власти, со политичките партии, со кандидатите, со претставници на граѓанскиот сектор, на локалните власти и на медиумите.
Набљудувачите ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции.
На денот на изборите, тимот на набљудувачи на ОДИХР ќе се збогати со делегациите на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Парламентарното собрание на Совет на Европа.
На денот по изборите, ОДИХР ќе објави изјава со првичните наоди. Конечниот извештај ќе следи наредната година, односно, шест до осум недели по завршувањето на изборите.
На прес конференцијата присуствуваа и Марек Мрачка, медиумски аналитичар и Тамара Отиашвили, изборен набљудувач кои се дел од тимот на Мисијата на ОДИХР.
Марија Теговска