Д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и експерт при ЦИВИЛ – Центар за слобода, во оваа анализа говори за главните насоки во кои треба или може да се движи спроведувањето на обврските на СЈО во државата, во предизборниот и постизборниот период. Орданоски се осврнува и на најголемите проблеми во Македонија на политички и институционален план во овој момент.
Последната траги-комедија што се случи од правен аспект, со влезот со судски налог на Специјалниот јавен обвинител во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), каде што органот којшто треба да дава асистенции за спроведување на такви судски налози, одби да ги отвори вратите за увид во сопствената работа, покажува дека СЈО на секој начин се кочи и се опструира во својата работа. Во суштина, ние до изборите нема да видиме ништо што може да биде оценето како супстанцијални обвиненија во смисла на започнување на тие процеси низ судските институции.
Ова е сега период во којшто СЈО подигнува обвиненија за димензиите, бројноста, големината на скандалите во кои се вмешани, практично сите делови од елитата којашто е на власт во последните 10-11 години. Во извесна смисла, тоа делува како настан на односи со јавност од страна на СЈО, а не како правна процедура којашто може да има очекуван законски ефект. Тоа ќе се остави за по изборите. Јасно е дека таму мандатот ќе мора да се продолжува. Ние гледаме дека, кога и да се чепнат суми, злоупотребите се со милионски износи, за сите тие злоупотреби се закануваат казни од најмалку 3, 4 години затвор. Таму има една серија луѓе кои најверојатно треба да бидат во притвор со години, за да може да им се исцедат сите дела во кои биле вмешани. Така што, реалната работа на СЈО, која што е суштествена за иднината на Македонија, ја гледам по изборите. Тоа сите го знаат. Затоа велам дека проценката на власта, дали конечно ќе излезе на изборите е тесно врзана со тоа, каде се движи ефектот на работата на СЈО кон јавноста, во изборна смисла.
Затоа сметам дека доколку тие видат, дека тој ефект ги води кон пораз на изборите, тие ќе ги растурат изборите. Ним им одговара да остане оваа нејасна ситуација, во која некаков заменик министер за внатрешни работи, ни името сега не му споменувам, не е ни толку важно, си дозволува да може да внесува безбедносни стабилности на земјата. Тие се истите луѓе кои што организираа и инспираа разни настани, коишто имаат кривично-правни последици од кои државата не ќе може со години да се опорави. Сега се тие, тие кои што даваат насоки, за стопирање, блокади, опструкции итн.
Но, едно е јасно, дека доколку СЈО не ги даде очекуваните, потребните ефекти од својата работа, на еден објективен, правен начин, Македонија ќе се приближи уште поблиску до границата на своето исчезнување. Бидејќи јавноста веќе не може да поднесе да продолжи културата на неказнивост. Не може да поднесе да продолжи културата, каде тој што е на власт, сѐ му е овозможено, бидејќи е над законот. Тој тип на култура, на крајот ќе ја упропасти оваа држава. Можеби нема идната недела да ја упропасти, но ние веќе гледаме цели, нови генерации луѓе кои мислат дека така треба.
Во општество во кое луѓето мислат дека не е страшно, ако некој крадел, оти сите краделе, па и што ако земал 10 милиони, ‘оние да не не беа такви’…па, ‘што ако нема пари, ќе земеме заем…’Тоа општество нема каде да оди, за него улицата е слепа.
Затоа велам на крај на краиштата, што и да се случи со изборите, СЈО ќе биде институцијата која ќе ја продолжи својата работа и ќе биде каменот темелник на разграничување, од којшто ќе започне новиот правен и државен систем во Македонија.
Суштинската карактеристика на демократиите, за разлика од разните видови на недемократски или автократски режими, како овој во којшто ние се наоаѓаме е во тоа што институциите во демократиите секогаш имаат способност да го вратат ударот кон политиката. Значи и на запад се краде и во развиените демократски држави постојат високи корупции. Но, кога ќе го фатат еден што краде, тој плаќа за сите 100 пред него и за сите 100 после него. Ако ги гледате најголемите афери кои што избиле во САД од Вотергејт наваму, секогаш институцијата била таа која што реагирала на злоупотребите. Бидејќи институцијата има една инхерентна, внатрешна моќ да види дека доколку премолчи,на крајот таа ќе се распадне. И тоа е карактеристиката на демократиите. Поради тоа институциите не смеат да бидат партизирани, односно да имаат специфичен интерес, кој е различен од државниот интерес.
Поради тоа една од суштинските темелни реформи, коишто мора да ги направиме во Македонија, по овие избори…Зашто со овие луѓе кои што се сега на власт, таа работа е невозможно да се направи. Но, кога оваа екипа ќе падне од власта, ние ќе мора да се вратиме на еден долгорочен проект за реформа на институциите. Суштината на демократијата е да живеете без страв, во општество во кое што владеат, оние со кои не се согласувате.Значи без разлика кој е на власт, вие мора да се чувствувате слободен. Тоа сега не е случај во Македонија. Вие имате практично избор, особено во институциите: или ќе станете член на партијата којашто во моментов е на власт или ќе изгубите работа, ќе доживеете низа непријатности, па дури на крајот можете да бидете затворен или да се спакувате и да си заминете. Таа состојба во Македонија, мора да прекине. Ако ние продолжиме вака како што одиме, на крај ќе се вратиме во овие еднопартиски системи од кои излеговме, во тотални идеологии како комунизмот или фашизмот, во кои на крајот системот се сакрализира, се гради религија од системот и луѓето прекинуваат да се однесуваат рационално, туку ги водат нивните емоции, нивниот клиентелизам. Значи ќе земам 300 евра од државата и подготвен сум да поминам преку сите злоупотреби што ги прават функционерите во државата. Затоа мислам дека прашањето за институционалната реформа која што нѐ чека по овие избори ќе биде клучното прашање. Мислам дека таа реформа не може и не треба да биде изведена со некакви прости отпуштања од работа итн.
Ние ќе мора темелно да го прередиме судскиот систем. Очигледно е дека карциномот е длабоко метастазиран, што не ќе може со шминка да се поправа. Ќе мора темелно да ја прередиме ‘тајната полиција’,службата за државна безбедност, зашто начинот на кој била, беше и се уште ѐ, се кочи со темелните демократски поставки. Таму исто така не може да се направат само кадровски промени, коишто ќе мора да ги има, а некои дури и со судски завршници. Ќе мора да се навратиме на принципот, како да воспоставиме цивилна контрола во такви безбедносни служби. Дури мислам дека кога ќе дојде часот за тоа, јас не би се свртил веднаш кон политичарите кои злоупотребувале, претходно би сакал да ги видам, судиите, обвинителите, медиумите коишто се тука за да предупредуваат на тоа. Тие ми се први на листата ‘обвинети’ за тоа што ни се случило. Нефункционирањето на овие важни институционални нивоа на државата, овозможува кој било политичар да помисли, дека сѐ е можно и дека може да се однесува како што сака.
Кога ќе се вратиме на тие изворни правила на играта, тогаш ќе добиеме политичари коишто ќе бидат одговорни, отчетни, кои што ќе можеме да ги критикуваме без страв, коишто ќе си поднесуваат оставки, две години пред оваа ситуација, уште тогаш кога почнаа да измислуваат жолти комбиња и странски служби. Тогаш беа во ситуација да кажат ‘извини јас морам да се повлечам, за да можам да си ја подготвам одбраната’. Без тоа Македонија нема да успее.
Поголемиот дел од јавноста, мислечкиот дел којшто критички размислува знае дека Македонија не е подготвена за демократски и фер избори. Но, има само уште една неподготвеноста која што надвиснува над оваа. Тоа е дека,не сме веќе во состојба да трпиме, оваа ситуација бесконечно вака да се одвива. Бидејќи на сите ни е јасно, дека додека се овие луѓе на власт, додека имаат некаква моќ да влијаат врз власта, а тие се уште имаат голема моќ, се дотогаш ние нема да дојдеме до никаква ситуација по мирен пат, за да ја реформираме државата, што ќе биде гаранција за демократски избори.
Верувам дека тоа се причините, поради кои се пресече на едно ниво и во меѓународната и во домашната заедница дека мора да се оди на избори, какви -такви. Па сите тие и тоа го велат: ‘Какви-такви, некакви, фер и демократски избори’. Затоа што, ние толку тонеме, во секаква смисла: материјална, политичка, морална смисла…така што кога ќе потонете предлабоко, потоа дури и да се направат услови за фер избори, вие не можете на продуктивен начин да излезете на избори и да спроведете некакви промени или континуитет. Затоа мислам дека ние сме во некоја ситуација на низа од компромиси. Тие во принцип не се добри,зашто на крај водат до еден лош резултат.
Но, ние сме доведени во еден безизлез и практично како ‘слепи во мрак’ се обидуваме да ја најдеме вратата, да го најдеме прекинувачот за осветлувањето. Бидејќи ако вака продолжиме, таа спирала е негативна и оди само надолу. Затоа и ова пресекување на состојбите, направени се одредени реформи коишто имаат какви-такви некакви ефекти. Сите ние сме незадоволни од тоа, до каде сме стигнале. Но, исто така поголемо ни е незадоволството да продолжиме по таа негативна спирала. И сите овие прашања кои се поставуваат со право, ама дали ДИК ќе функционира, дали медиумите се вакви…дали нема да крадат… дали нема да се вршат притисоци…сите тие се легитимни прашања. Но, над нив е полегитимно прашањето: Каде води процесот, ако не го прекинеме?
На крајот мојот страв е дека, доколку сега не излеземе на некој начин од оваа многу комплексна и комплицирана ситуација, ние ќе дојдеме во ситуација на судири! Ние ќе дојдеме во ситуација кога не само луѓето, туку цели структури, цели слоеви ќе ги загубат нервите.
На луѓето им треба промена,тоа се гледа во јавноста, тој сентимент е апсолутно изразен. И таа промена во демократски држави може да се прави само преку избори и тоа е овој напор да се овозможи некаков демократски дисконтинуитет. Дали ќе се успее во тоа, останува да видиме, бидејќи има разни фактори кои работат против тој темелен интерес на Македонија. Исто така мислам дека има разни фактори кои работат да ги ограничат и да ги врамат можностите да се излезе од оваа рамка, да го направат тунелот таков, за да можете да отидете кон некаква подобра ситуација само низ тој тунел. Но, ќе видиме, гледајте, не треба да се потцени никогаш способноста, а секако не интересите на власта, да произведе уште поголем хаос. Бидејќи таа е ставена пред ѕидот на сопствената одговорност и таа нема дилеми околу тоа што ќе им се случува. Веќе имате поранешни министри кои веќе имаат по 10, 20, а наскоро може и по 30 обвинувања за сериозни кривични дела. Веќе има една мрежа која што е пробиена, која што на крајот на краиштата е и релативно мала.
Во Македонија се работи веројатно за не повеќе, од неколку десетици луѓе кои што ја ‘молзеле’ државата на еден бесрамен начин, со еден врв од неколку луѓе коишто се ‘кремот’ на целата таа срамна операција. Но, тие се сеуште во ситуација да манипулираат, да пропагираат, да се мешаат, да кочат, да прават разно-разни опструкции за Македонија да не може да излезе од оваа ситуација. На крајот јас верувам дека сето тоа ќе биде поразено на самите избори.
(анализата е снимена на 21 октомври 2016)
Позициите, ставовите, анализите и препораките на ЦИВИЛ не нужно ги отсликуваат ставовите на донаторите на проектите кои ги спроведува организацијата. Проектот „Напред!“ е финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.