Драги мои пријателки и пријатели, знајни и незнајни сограѓанки и сограѓани,
Проектот #ГраѓанскиОбјектив е простор на граѓанските новинарки и новинари. Не можеме да очекуваме од никого освен од нас самите, секој поединечно, да го разбие медиумскиот мрак. Секој што има паметен телефон може да снима и објавува или да сподели информација за тоа што се случува во нашето општество. ЦИВИЛ е на располагање на граѓанките и граѓаните, на демократската јавност!
Ќе се бориме за човековите права и слободи до последниот здив. Ќе бараме слобода и демократија секогаш и секаде. Ќе бараме достоинствен живот, еднаквост и пристап до правда за секој човек. И нема никогаш да направиме компромис со таа наша определба. И ве повикувам сите, да се придружите на оваа мала група луѓе собрани околу името ЦИВИЛ. Постоиме од 1999 година и од првиот ден сме отворени, искрени и доследни. Секогаш строги и остри. И такви ќе останеме. Денеска сум особено горд со нашите псотигнувања во уште една сфера – граѓанското новинарство. И ќе бидам среќен ако нашите профили на социјалните мрежи од денеска бидат уште поисполнети со вашите прашања, коментари и прилози.
Бидејќи…
Кога медиумите беа слепи, глуви и неми додека десетици илјади граѓанки и граѓани демонстрираа со месеци, барајќи правда, слобода и демократија, граѓанските новинарки и новинари известуваа за фактите и за настаните. Тие беа тука, да известуваат за масовното кршење на човековите права и слободи. ЦИВИЛ ги отвори сите свои онлајн канали токму за нив – храбрите и одважните граѓанки и граѓани кои не известуваа за награда или за да направат некому услуга, туку за да ѝ дадат простор на вистината.
Злоупотребуваат јавни ресурси? Корумпираат? Купуваат гласови? Дискриминираат? Снимете ги. Испратете ги своите снимки на ЦИВИЛ. Ние не цензурираме.
Драги мои, ЦИВИЛ денеска ја објави публикацијата „Ние сме медиумите!“ на мултимедијалната презентација во МКЦ. Во публикацијата ќе најдете содржини кои говорат за проектот, но и за граѓанското новинарство воопшто, нешто што може да им послужи на сите како сведоштво, потсетник и насока. Само кликнете на овој ЛИНК и преземете ја публикацијата. Ако сакате печатена копија на македонски, албански или англиски јазик, а можеби и ДВД со избор од видео содржини и други материјали, посетете го седиштето на ЦИВИЛ или било кој штанд, какви што нашите тимови поставуваат низ целата земја.
Само еден човек може да ги собори сите рекорди на гледаност, да ги надмине сите тиражи. Звучи како чудо, но живееме во време кога тоа е возможно. Придружете му се на големото семејство граѓански новинарки и новинари. Ние сме медиумите!
Ваш,
Џабир