На бранителот Илиевски му требаат пари за лекување во Бугарија

Итна медицинска помош му е потреба на Игор Илиевски (39) од Македонска Каменица, полицаец со долгогодишно искуство,кој една година во рововите во Тетовско и Кумановско го бранеше суверенитот и интегритетот на Македонија во 2001 и 2002 година. Боледува од дискус херниа, се соочува со сериозни здравствени проблеми, силни болки во нозете и рацете, чести вртоглавици... Се надева дека државата, Фондот за здравство, ќе му ги покрие трошоците за итната операција во Софија.

Фонд за здравство

„По завршување на воениот конфликт, ми се појавија првите симптоми, трнење во рацете и нозете, вртоглавици и болки, кои со неколку третмани на физикална терапија годишно ми поминуваа. Но, секоја година ситуацијата се влошуваше сѐ повеќе. Сега веќе немам избор. Мора да се оперирам, за да продолжам со нормален живот“, вели Илиевски.

Неврохирурзите на државна клиника и во други јавни здравствени институции во Македонија, не го прифатиле предзвикот.

„Бидејќи проблемите се лоцирани на `рбетниот столб во пределот на вратот, сите доктори ми рекоа дека не можат да се соочат со таков предизвик. Операцијата што ќе ми овозможи нормален живот, можам да ја извршам во приватна болница во Софија. Доколку обезбедам 8000 евра, по Божик може да ме оперираат специјалистите во Бугарија“, вели Илиевски.

Иако е вработен во МВР, а неговата сопруга во приватна фирма, како петчлено семејство, тие не можат да го обезбедат овој фонд за неговото неопходно лекување. Се надева дека хумани граѓани со донации ќе му помогнат да замине на лекување, а верува и дека државата, поточно Фондот за здравство ќе ги рефундира парите или авансирано ќе му даде парична помош.

Илиевски во моментов како што вели едвај се движи, со големи проблеми и силни болки. Операцијата не е негов избор, туку нужност за да продолжи како млад човек со нормален живот. Деновите и ноќите поминати во рововите, на терен, на отворено и при најниски темератури во 2001 и 2002 година, верува дека му го нарушиле целосно здравјето.

„Не жалам, зашто како дел од Посебната единица за полиција (ПЕП), кога беше најпотребно, се наоѓав на браникот на слободата. Верувам дека државата денес, нема, мене да ме заборави“, вели Илиевски.

Моника Талеска

Please follow and like us: