Власта нереално го прикажува бројот на невработените!

Според Агенцијата за вработување заклучно со ноември се евидентирани 199.146 невработени граѓан(к)и во Македонија. Од друга страна според ДИК, освен 1.531.368 гласачи во Македонија, во странство на привремена работа и престој се наоѓаат преку 250.000 гласачи,најголем дел работоспособно население. Поточно 230.122 работоспособни гласачи, кои не се пријавиле за гласање и 20.573 кои се пријавиле за гласање на овие парламентарни избори.

Светска банка пак потврдува од друга страна и дека според извештајот од 2012 година, Македонија е на 23 место по бројот на иселени граѓани. Во периодот од 1998 до денес се иселиле околу 300.000 лица, а вклучувајќи ги и граѓаните коишто немаат дозволи за престој, иселени се вкупно, околу 447.000 лица.

Што значи сите бројки и убедувања, сите изјави на политичарите, на владини претставници од коалицијата која 10 години владее во Македонија, се нереални. Огромен е бројот на невработени и огромен е бројот на иселени граѓани, и тука не е ништо спорно. Спорен е само точниот број, зашто во државата нема институција која што прецизно ја прикажува загрижувачката состојба со невработеноста.

Сите овие граѓани не би ја напуштиле Македонија, доколку овде цветаат рози, доколку реално има странски инвестиции и реални отворени нови работни места, доколку граѓан(к)ите добиваат соодветна плата! Зашто нели, нерационално е човек да бега од таквите убавини, кои што ни ги презентира власта! Зошто граѓаните не би можеле да го регистрираат тој економски развој, уште помалку да го уживаат тој висок стандард во Македонија? Зошто луѓето би плаќале според моменталната тарифа по 750 евра на посредниците за бугарски пасош, доколку овде тече „мед и млеко“?!

Дека податоците пласирани преку АВРМ и Заводот за статистика се неточни потврдува впрочем и министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски.

„Јас најодговорно тврдам дека историски промовираниот намален процент на невработеност во Македонија е нереален. Министерството во моментов ги прави точните анализи, согласно со проектите „Македонија вработува 1 и 2, со што ќе ги прикажеме сите штети врз граѓаните, за кои не се отворени реални работни места. Фактот што административно се бришат граѓаните од списокот на невработени, затоа што не се пријавуваат редовно, а и натаму се невработени, само ја потврдува нереалната слика со невработеноста во државата“, вели министерката Ташевска Ременски.

Таа посочува на несоодветната методологија по која се пресметува процентот на невработени во АВРМ, на застарените податоци во Заводот за статистика и на неевидентираниот број на граѓани кои во моментов се отустни од државата,а кои се во потрага по работа во други земји, но и натаму се жители на Македонија.

Според Ташевска Ременски, вработувањата согласно со проектот „Македонија вработува 1“, вработени се 19.600, а со „Македонија вработува 2“, 3000 граѓани. Но, државата наместо да ги открива вработувања на „црно“, т.н. диви вработувања, всушност промовира проекти коишто се на штета на граѓаните. На ангажираните работници, всушност не им се води стаж, не им се плаќаат придонесите за здравствено и пензиско осигурување, туку само персонален данок на државата, а тие добиваат минимална плата. Што значи бенефитот е само за работодавците.

Штетите се реперкуираат колку врз грбот на граѓаните, толку и врз државниот буџет, врз фондовите за здравствено и пензиско осигурување. Кристално јасно е дека на сите влади изминативе 10 години, наместо реално отворање работни места во фокусот им беа популистичките политики коишто со фингирани бројки, ги држат во заблуда сиромашните и изманипулирани граѓани.

Моника Талеска 

Please follow and like us: