Собирање потписи за референдум за рудникот Казандол

Валандовчани во локалната канцеларија на Државната изборна комисија депонираат потписи за распишување на референдум за рудникот Казандол од вчера. Потребни се 2.000 потписи, по што локалните власти ќе мора да им дозволат на граѓаните да се изјаснат преку референдум за (не)работењето на рудникот. 

Иницијативата „Спас за Валандово“, на 28 мај (недела), организира Фестивал на локална храна и локален развој. На целодневната манифестација околните производители ќе изложуваат локални производи и нивни преработки. Се работи за видови органски производи, карактеристични за ова микроподнебје, како смокви, јапонски јаболка, калинка, мед, но и други земјоделски и сточарски производи. Истовремено, ќе бидат изложени и уметнички творби на тема „Во ваква околина сакам да живеам“, изработени и од најмладите, а организирани се и музички перформанси на локални изведувачи.
Во рамките на фестивалот ќе биде одржана и трибина на која експерти ќе дискутираат на темата - Отворање рудник во еколошки крај што претежно егзистира од земјоделство и овоштарство.

Покрај настанот, активистите на „Спас за Валандово“, претежно млади луѓе кои се решителни да одат до крај во борбата против рудникот, се постојано на терен, информирајќи ја јавноста за потребата од референдумско изјаснување за отварање рудници. Тие се оптимисти дека потписите ќе ги соберат пред крајниот рок, зашто само првиот ден се собрани околу 600.

Истовремено, на терен се и претставници на компанијата „Сардич МЦ“, кои велат дека нивната инвестиција во Казандол нема да има негативни последици врз животната средина и врз органското производство.

Рокот за собирање на потписи за референдум е до 15 јуни.

 

М. И. 

Please follow and like us: