450 жители на село во Општина Могила се пет дена без вода!

Над 450 жители на селото Трновци, во Општина Могила, пет дена се оставени без вода за пиење! ЕВН го исклучила доводот на електрична енергија до пумпата, којашто се користи за испумпување вода - од изворот што се наоѓа во непосредна близина на селото, до најоддалечените корисници на вода од водоводната мрежа. Со селскиот водовод стопанисуваат жителите, но тие година ипол, никому не ги платиле трошоците за вода.

„Благајникот што во улога на инкасатор наплаќа такса од 10 денари за потрошен кубик вода, не доаѓа со месеци... Зошто, ние жителите не знаеме. Од друга страна, Месната заедница во селото не функционира, во спротивно, немаше да се случи овој проблем. Претседателот на Месната заедница е од друго село, така што не го ни засега овој проблем. А, ние пак, не знаеме како и каде натаму да го бараме решението. Се обративме до Општина Могила, но конкретен одговор не добивме... А, подготвени сме долгот кон ЕВН од десетици илјади евра да го платиме, но на рати, и конечно да го решиме проблемот“, велат жители на селото кои се обратија до ЦИВИЛ Медиа.

Тие се  незадоволни зашто, како што велат, без пρедупρедување и без пρетходно тужбено побаρување за наплата на долгот, ЕВН го исκлучил од напојување селсκиот водовод во Трновци. На овие пеκолни горештини, жителите се принудени да ја користат водата од селските бунари, чија бактериолошка и здравствена исправност не е проверена.
„Заканата од сериозни заболувања е реална и застрашувачκа. Бараме веднаш да биде вклучено напојувањето со електрична енергија на водоводните пумпи, а да се поведе и постапκа и активности за наплата на долгот“, бараат жителите.

ЦИВИЛ Медиа се обиде да го контактира градоначалникот на Општина Могила, за да добие одговор, дали постојат реални можности да се реши проблемот и општинското комунално претпријатие да ги преземе надлежностите врз селскиот водовод, за да стопанисува во иднина. Градоначалникот Стево Пивковски не одговори ниту на пораките, ниту на телефонските повици.

Жителите очекуваат итна интервенција на надлежните. Бараат да се спречи појава на епидемија, зашто опасноста од зарази демне од сите страни. На овие високи температури, потребите од вода се неколку пати поголеми во селските отколку во урбаните средини.

М. Талеска

Please follow and like us: