Стотина природни добра во Македонија се пред исчезнување!

Eкспертскиот тим на УНЕСКО кој беше во посета на Охридскиот регион во април, објави извештај за состојбата со природните богатства од овој предел. Од УНЕСКО состојбата ја оценуваат како сè полоша и сметаат дека е можна сериозна деградација на овој заштитен екосистем, пред сè, поради предвидените и според нив, несоодветни инфраструктурни проекти.

„Мисијата на УНЕСКО изразува загриженост од зголемување на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар ‘Галичица’ и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој. Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки“, се вели во извештајот.

Од УНЕСКО порачуваат дека  македонските власти мора да обрнат внимание на можностите за развивање на еко-туризмот, додека постојните проекти, како што се изградба на ски-центар на планината Галичица, односно, во Националниот парк „Галичица“ и експресниот пат кој е планиран да поминува низ таа територија, веднаш треба да бидат стопирани. УНЕСКО предупредува дека под влијание на несоодветни човечки активности, стотина природни добра се пред исчезнување. Најновите истражувања откриваат дека кај 63 проценти природни добра се забележува негативно човечко влијание, а дека дури 91 процент од анализираните подрачја се соочуваат со драстично губење на шумите.

Македонија има две години да ги исполни обврските кои УНЕСКО ги наведува во извештајот. Доколку до 2019 година не е постапено во согласност со барањата на УНЕСКО, Охрид би можел дефинитивно да биде ставен на листата на „Светско наследство во опасност“.

Посетата на УНЕСКО беше поради плановите за изградба на ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2, Железничкиот коридор 8 и поради плановите за изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин.