Џафери: Безбедноста на граѓаните е поважна од нашата лична безбедност

Движењето Еко-Герила, изминативе денови ја информираше јавноста дека од различни поединци добивале закани и уцени, со цел да замолчат и да не се занимаваат со работата на Југорхром. 

Аријанит Џафери од Еко-Герила, во однос на заканите и уцените со кои се соочувале, за ЦИВИЛ Медиа вели дека првиот повик кој го добиле бил анонимен, каде им била понудена голема сума на пари, меѓутоа тие не ја сфатиле сериозно пораката, бидејќи била анонимна.

„По неколку дена бевме контактирани од еден, па од друг човек, па од трет човек, сето тоа во последните три недели. Имавме контакти со луѓе кои ни нудеа многу пари, да молчиме следните два месеца за работата на Југохром. Чудно беше што Југохром не беше ни тема на разговор во последните три месеци за нас од Еко-Герила, затоа што е затворено, и очекувавме да ги исполни сите еколошки стандарди пред да се отвори, како што беше и договорот“, вели Џафери.

Тој додава дека лично не е загрижен за неговата безбедност и не чувствува дека е во некаква опасност поради оваа ситуација, додавајќи – Не се плашиме од такви кукавици кои ни се закануваат, затоа што тие не се доволно храбри да дојдат лично да го сторат тоа.

„Тоа што нè загрижува е безбедноста на граѓаните на Тетово од можното рестартирање на Југохром без филтри, тоа е најголемото зло што може да се случи тука. Граѓаните веќе знаат и целата јавност знае дека откако се затвори Југохром имаме 60 проценти помалку загадување, а бројот на заболени деца од респираторни болести се преполови. Нашата лична безбедност е наш личен проблем, и не се грижиме воопшто, ние знаеме со каква работа се зафативме“, додава Аријанит.

Еко-Герила добиле поддршка и од граѓаните и од невладиниот сектор, откако се објавила веста на прес-конференција. Џафери вели дека не смее ниту Еко-Герила, ниту некоја друга организација да биде спречена во тоа што го работи, а не пак да замолчува или поткупува.

„Во граѓанскиот сектор сите ние сме еднакви играчи, и затоа ова што ни се случи нас, може многу лесно да се случи и на некој друг и тој што се заканува треба да се казни веднаш“, вели тој.

Од здружението велат дека вакви притисоци немале со минатата власт, дека не ни очекувале сега да имаат вакви притисоци, и ако не се плашеле од минатата власт – нема да се плашат ниту од оваа власт.

„После прес-конференцијата на Еко-Герила, во Собранието се покрена прашањето и се дискутираше околу заканите и уцените и за можноста за повторно рестартирање на Југохром, каде што и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Оливер Спасовски реагираа околу ова, давајќи гаранции дека Југохром нема да се отвори без целосно да ги исполни сите еколошки стандарди“, потенцира Џафери.

Овој случај, Еко-Герила го пријавиле во СВР Тетово, но тие не очекуваат да се спроведе некаква голема правда, ниту дека ќе се пронајде кој е тој што анонимно им се јавил.

„Правда не очекуваме, но, сепак сакаме да им пренесеме и да им дадеме до знаење дека ние нема да се предадеме, не се работи за наша лична безбедност, се работи за безбедност на граѓаните на Тетово, без разлика дали се Албанци, Македонци, Турци, Роми или други малцинства, дали се муслимани или христијани или атеисти. Загадувањето не дискриминира по никоја основа, па ни политичарите не се изоставени. И нивните семејства го дишат истиот воздух“ истакна Џафери.

Ангела Петровска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Биљана Јордановска

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English