ЦИВИЛ: Игнорирањето на интересите на граѓаните мора да престане!

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува урбанистичкото дивеење во општина Аеродром и изразува силна поддршка на незадоволните граѓанки и граѓани кои за денеска најавија протест.

Го потестуваме градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин дека неговата функција и задача е да биде на страна на граѓан(к)ите и нивните интереси. А интересите на овие граѓан(к)и кои живеат во најзагадената општина во Скопје секако не се новите висококатници, туку чистиот воздух и здравата животна средина.

Го повикуваме градоначалникот Марин, да се присети на сите дебати со неговиот против кандидат од локалните избори, поранешниот градоначалник на општината Ивица Коневски, во кои тој нудеше безброј решенија за стопирање на неконтролираното градење во веќе урбанизираниот дел од општината. Ниту едно од овие решенија актуелниот градоначалник Марин досега не се обиде да ги спроведе, ниту ги прифати предлозите на активистите со кои имаше средба пред неколку месеци.

Речиси една година подоцна од неговиот мандат во општината, урбанистичкиот хаос и натаму продолжува, а една од најважните точки од неговите предизборни ветувања, онаа за која и доби најмногу гласови на локалните избори, намалувањето на изградба во урбанизираниот дел од општината, не само што не е остварена, туку, напротив се чини е веќе заборавена.

Го повикуваме градоначалникот да изнајде соодветно решение, или да ги прифати оние решенија коишто изминатите месеци му беа понудени. Или, едноставно доколку навистина е „со врзани раце“ како што најчесто знае да каже, да си даде морална оставка од функцијата поради неисполнување на ветеното! Сега е моментот да ја покаже својата вистинска намера и да застане на страната на граѓанките и граѓаните кои му го доверија мандатот!

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English