Георгиевски: „Античкиот“ идентитет нѐ скара со соседите и со меѓународната заедница!

Еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски, на панел дебатата „Губење на идентитетот, или…?“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, истакна дека е оптимист во поглед на прашањето: „Дали македонскиот идентитет ќе постои и по Договорот од Преспа?“

„Во последните десет години, во Македонија се случи една од најрадикалните промени на идентитет на еден народ во Европа, па и во светот, која ние, како сведоци во современата историја, можеме да го видиме. Одеднаш, од она што сите ние го знаевме, и беше добро утврдена норма – дека македонскиот народ е дел од словенската групи на народи, одеднаш се претворивме во антички Македонци! Во нешто посебно, во нешто ексклузивно, во нешто што нема допир со ништо во светот, и од тоа направивме една приказна, во која за жал, многумина почнаа да веруваат. А оние кои беа носители на таа идеја, сметам дека од чисто маркетиншки причини ја злоупотребуваа за победи на избори“, вели Георгиевски.

Според почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, токму тој лажен идентитет направил многу штети во политичките односи на Македонија со соседните држави и со меѓународната заедница, но најголемата штета, лажниот идентитет, сепак, ни направил „на нас самите“.

„На психолошко ниво, ние се издигнавме над сите други, почнавме да влегуваме во некој филм дека ние сме центарот на светот, дека сѐ се врти околу нас, дека никој не може без нас, а во суштина, гледаме дека тоа не е така, светот си живее и без ние да бидеме присутни во него… И без никаква посебна дискусија, без квази-научниците кои пишуваа книги и снимаа документарни филмови на таа тема. Сето тоа и беше една квази-наука која едноставно, нѐ избомбадира и ни предизвика трајна последица која верувам дека ќе се влече многу долги години по овие настани“,  истакна Георгиевски.

Македонскиот идентитет, според Георгиевски, не е загрозен од одредницата „Северна“ или „Горна“ пред името на државата, туку од односот на етничките Македонци кон сопствениот идентитет. Според него, Македонците под османлиското ропство успеале да го спасат идентитетот со зачувување на нивната култура и традиција.

„Играле ора на македонски, пееле песни на македонски и зборувале на македонски… Ајде да видиме колку ние самите во Македонија се грижиме за сопствениот македонски идентитет. Да посетиме една македонска свадба, една македонска прослава, јас ви гарантирам дека македонската современа нација и македонската современа држава се единствените на Балканот, каде што сопствената национална песна е малцинска во споредба со другите културни влијанија. Ние ништо не правиме, зборуваме за македонски идентитет, а кога треба да прославиме свадба, роденден или именден, ние не ја пееме македонската песна, и зборуваме дека некој друг ни го загрозува македонскиот идентитет. Не, ние самите го загрозуваме“, додава Георгиевски.

Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети

 

 


Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста 

Please follow and like us:

This post is also available in: English