Охрид СОС: Словото на законот на Општина Охрид

Охрид СОС одговори со соопштение на вчерашната реакција на Општина Охрид во која обвинија дека нивните информации се необјективни и невистинити.

„Може да се забележи дека Општината во своето оскудно образложение никаде не го спомнува УНЕСКО и не се произнесе по неколкуте аргументи кои ги наведовме и кои зборуваат за делување токму во спротивност со препораките на УНЕСКО и неисполнување на акцискиот план на владата во насока на унапредување на состојбите со Охридскиот УНЕСКО регион.

Звучи како за Општина Охрид да има само еден важечки закон, и тоа оној кој треба да озакони беззаконие. Зошто Општина Охрид не се повика на Законот за води кој забранува урбанизација во заштитениот крајбрежен појас, и тоа, со добра причина, која на Општината треба да ѝ е уште подобро позната. Најпосле, зошто појасот го викате „заштитен“? УНЕСКО посебно го нагласи почитувањето на оваа законска одредба во извештајот на реактивната мисија. Да ја потсетиме локалната власт која доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој, кога во 2015 г. ВМРО-ДПМНЕ во парламентот протурка законски измени токму на овој – Законот за легализација на бесправно изградените објекти, жестоко се противеше. Истиот закон овозможи легализација на стотици објекти во крајбрежјата низ цела Македонија, од кои во голем дел на охридското крајбрежје и ја укина неопходноста од мислење на Министерството за животна средина. Се чини дека од позиција на власт, овој закон баш добро им се најде.

Зачудува и тоа што локалната власт не чувствува никаква нелагодност со еден ваков закон. Или не го гледа апсурдот дека практично државата градела противзаконски наместо да го почитува сопствениот ред. Не би сакале да помислиме дека локалната сега на државно земјиште (ниви и пасишта) легализира приватни објекти. Како што му се допушти на инвеститорот на нелегалниот хотел во Лагадин.

Нелегалното градење е не-ле-гал-но, противзаконско. Последиците од тоа се веќе очигледни и на тоа предупредуваат врвни научници, истражувачи на Езерото. Затоа и УНЕСКО повика на спречување на натамошното бесправно градење (препорака 9). А, наместо тоа власта подготвува нов закон за легализација кој претпоставуваме треба да го направи овој процес уште полесен. Мислите ли дека кога УНЕСКО во истата препорака повика на „ригорозна примена на законите и регулативата“ го имаше законот за легализација на ум? Еве, ќе ја довршиме реченицата „со цел да оневозможи било какво натамошно нелегално градење во рамките на доброто.“ Изнасилената примена на законот за легализација е само охрабрување за поголем урбанистички хаос.

Ја потсетуваме и предупредуваме Општина Охрид дека има многу слова на законот за читање. Што е со Законот за Охридско Езеро, Законот за заштита на природата, Законот за води, Законот за животна средина, Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, понатака Конвенцијата за светско наследство, Конвенцијата за биолшка разновидност? Знае ли Општина Охрид колкава обврска е да се раководи со светско природно наследство? Знае ли Општината дека има обврска да го спречи забрзаниот процес на деградација на водите на Охридско Езеро? Колку пријави и разрешници има за неделното потпалување на трската? Што е со овие закони?

Општината така ревносно да ги застапуваше овие закони, како што го застапува оној кој ја храни и поттикнува неконтролираната и прекумерна урбанизација со катастрофални последици по сите, граѓаните ќе имаа и поголема верба и надеж во неа, се вели во нивното соопштение.

Please follow and like us: