Неприфатливо е градење на хидроцентрали и рудници без да се прашаат граѓаните

Прогласувањето на рудниците како и на големите и малите хидроенергетски проекти за градби од државно значење е неприфатливо бидејќи претставува закана за природните подрачја во земјава, стои во обраќањето до јавноста на граѓанската организација „Еко-свест“. Тие реагираат на новиот предлог-закон за урбанистичко планирање, кој се наоѓа на втора по ред јавна расправа во Собранието, јавува МИА.

„Недозволиво е во законот да пишува и „други видови подрачја и градби од државно значење“, бидејќи тоа остава простор за толкување по потреба и манипулација. Потребно е дообјаснување и дури и таксативно набројување кои се тие други подрачја“ – рече Давор Пехчевски од „Еко-свест“.

Владата пред еден месец додели дури 18 концесии за изградба на мали хидроцентрали, но, соочена со притисокот од граѓанските здруженија, како и поради најавите за протести на локалното население, ја поништи постапката за доделување на концесија за хидроцентралата Жировница 3 во Националниот парк Маврово.

Вице-премиерот Кочо Анѓушев преку неговата компанија „Фероинвест“ е дел од конзорциумот што доби концесија за 21 мали хидроелектрани и е едно од имињата кои најчесто се спомнуваат кога е во прашање владината стратегија за изградба на вкупно 160 мали хидроцентрали. Меѓу другите, во негова сопственост е и една од хидроелектраните на Брајчинска река која е дом на ендемската преспанска пастрмка.

Претседателот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, за време на чиешто владеење се доделени преку 80 концесии за мали хидроцентрали, Христијан Мицкоски, пак, е сопственик на малцински удел во фирмата „Енерготек“, компанија која овој бизнис го развива во Источна Македонија.

„Целосно е нелогично да е скратено учеството на јавноста во изработување на урбанистички планови за големи инфраструктурни проекти како рудници, хидроелектрани и патишта коишто скоро неизбежно се поврзани со влијанија врз природно и културно наследство, зафаќање на земјоделски и други приватни површини, па дури и присилно раселување на население“ вели Пехчевски од „Еко-свест“. Екологистите апелираат до пратениците да не гласаат за закон со вакви недостатоци.

Наредната недела во Собранието на ред е амандманска расправа по овој предлог законот за урбанистичко планирање.

Please follow and like us: