„Само со активна соработка меѓу граѓанскиот сектор и политичарките, може да се направи подобрување на ситуацијата со жените во политиката… Живееме во патријархално општество и тоа мора да си го признаеме, ако сакаме да ги промениме работите на подобро… Квотите се потребни, иако може на нив да се гледа и како на нужно зло, но поголемата вклученост на жените во политиката не е цел сама за себе…“ Ова се дел од пораките кои ги испратија учесничките на дебатата „Жените во политиката“, која како дел од Караванот на слободата, ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода.
На дебатата како панелистики учествуваа експертките Ана Василева, Катерина Колозова и Марија Савовска, а модератор беше Моника Талеска.
Панелистките дискусијата ја започнаа поттикнати од прашањето за степенот на вклученост на жените во политиката и за тоа, колку жените реално ја остваруваат својата улога, или само се борат за квоти без ефектот кој е клучен и за кој се залагаат борците за еднаквост.
„Со оглед на тоа дека има помалку од еден век откако жените имаат право на глас, времето е прекратко е да зборуваме за полна еднаквост. Неофицијалната култура продолжува да биде патријархална. Дури и кога ги гледаме жените од позиција на моќ, тоа е манир на послушна ќерка, сопруга…, односно конструктивна женскост во нешто што е во основа, машка битка, машки терен, а тоа е политиката“, е ставот на Колозова, која се осврна на разликата меѓу законското регулирање на ова проблематика и реалната состојба.
„Дали некогаш бил организиран настан за мажите во политиката? Не, затоа што тоа се смета како нормална состојба. Би било добро да се направи истражување за тоа – дека жените во партиите ги вршат измеќарските работи… Квотите ги поддржувам, иако можеби се нужно зло. Успех е што од минатата година имаме 40% жени, но тоа не е еднаквост. Потребна е потполна еднаквост, а тоа е 50:50“, смета Василева која како пример за нееднаквата перцепција на мажите и жените во политиката, ја посочи претседателската кампања во САД, каде има тенденција – лошите карактеристики на Доналд Трамп да се релавитизираат само за да се постави на еднаква позиција со единствената жена-кандидатка Хилари Клинтон.
„Се обидувам да го поместам начинот на кој се дискутира за жени во политика и да го ставам на маса прашањето за кој смее да биде политички субјект. Дали жените во ова општество се легитимни актери на одлучување. Тука лежи главниот проблем, јас се обдува е да го изместам контекстот и темата да ја пренесам на друг простор на јавно артикулирано влијание врз процесите во општеството. Жените мора да се зајакнат за да се спротивстават на она што значи закон, на она што значи перцепција за тоа како смее да се дискутира за политика, освен преку жените во партија, освен преку квоти и пред избори, затоа што тогаш е актуелно ова прашање“, е ставот на Савовска.
Панелистките и бројната публика имаа можност да ги проследат преку видео-изјави, ставовите на Радмила Шекеринска од СДСМ, Теута Арифи од ДУИ, Лилјана Поповска од ДОМ и Влера Ејупи од Движењето за реформи на ДПА.
Покрај инсистирањето на денешната дебата да учествуваат и претставнички од ВМРО-ДПМНЕ, од партијата не добивме позитивен одговор, како и од ниту една од политичарките од оваа партија, со кои стапивме во контакт, рече модераторката Талеска. Таа ги пренесе ставовите на Даниела Рангелова и Валентина Божиновска од панел-дискусијата, што Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, ја одржа во саботата, на тема, „Улогата на жената во општествениот и политичкиот живот“.
„Јас секогаш ги учам жените, без разлика дали некоја жена е членка на нашата политичка партија, без разлика на нејзината верска, етничка, национална, партиска припадност…, никогаш, ниту една жена да не каже ништо лошо против друга жена. Сакам да се заблагодарам, пред сé, на претседателот Никола Груевски, бидејќи без Вас, претседателе, ние не би имале можност, Вие ни ја дадовте можноста да зборуваме пред сé, во наше име, да кажуваме за нашите потреби, за проблемите со кои се соочуваме и да креираме политики во рамки на нашата партија. Затоа сме Ви многу благодарни и од Вас ја црпиме целата енергија, бидејќи Вие сте ни пример како треба да се работи и за партијата и за државата“, изјави Рангелова.
„Едноставно, прашањето и одговорот се содржат во првиот човек на партијата, во лидерот на партијата, господинот Никола Груевски. Зошто? Едноставно, човекот има доверба, не прави разлика дали на одредена позиција ќе стави маж или жена… Јас го сакам целиот 19-ти век, затоа што преродбата е силна, моќна. Таму има една поговорка – ’Тоа што мажот ќе го помисли, жената ќе го направи, изговори…’. И, така е“, е ставот на Божиновска.
Во вториот дел од дискусијата панелистките ги коментираа ставовите на политичарките и нивните размислувања, за прашањата поврзани со вклученоста на жената во политиката.
„Жените во партијата не можат да го изместат начинот на кој ќе се зборува за овие работи. Ова се типично предизборни изјави. Нивниот пристап е претставување на role model. Мој предлог е следен пат на овие прашања да одговорат Зоран Заев, Никола Груевски, Али Ахмети и Мендух Тачи, тие да кажат што ќе направат како партии за жените. Сè што е направено за подобрување на положбата на жената, е дело на заложбите на граѓанските активистки, ништо од тоа што политичарките зборуваат, како достигнување не е направено по нивна иницијатива. Не знам колку треба да зборуваме за поддршка на жените во партиите, ние треба да работиме на поддршка на жените во општеството, генерално, како граѓанки“, коментира Савовска.
„Говорите на Рангелова и Божиновска се илустрација на сè она што го критикувам, илустративен приказ за тоа како жената го знае своето место. Тие се именувани од ‘Пастирот’. Нивниот став дека женската солидарност се гледа во некритикување на други жени, е погрешен, солидарност е поддршката и давање на глас на тие што го немаат. Оти, тие жени што имале подобра почетна положба се поосвестени и обратно“, истакна Василева.
„Граѓанскиот сектор ги извојува битките и тука се согласувам со Савовска. Граѓанскиот сектор вршеше притисок и освестување на овие жени во политиката. Да се признае нееднаквоста, не значи признавање на помала вредност. Нормално е да се признае дека жената хиерархиски е подолу од мажот. Тоа не е срамно да се признае. Битките секогаш се идеолошки и теориски, а тоа не се двои од прагматичниот пристап и активизам“, смета Колозова, која се наврати на почетоците на работата врз освестувањето на жените за нивната положба и за тоа, како состојбата може и мора да се подобри.
Таа се осврна и на фалбоспевите кон лидерот, во говорите на Рангелова и Божиновска. Според неа, од тие жени не треба да се кренат раце и да се каже дека се непоправливи. Колозова смета дека нив им треба најмногу помош, да им се објасни дека ништо не им е подарено од лидерот, кому му се толку благодарни.
Како да се скршат стереотипите и како да се избрише поделбата меѓу жените и мажите, беше последното прашање на модераторката Талеска, со кое панелистките ја заклучија дебатата.
„Жените во политиката не се цел сама за себе, тие се во политиката да ги претставуваат жените, тие во политиката се наши претставници и ние мора да ги изложуваме на притисок, за да нè претставуваат соодветно“, е заклучокот на Колозова.
„Во духот на феминизмот, сметам дека постојано треба да ги преиспитуваме нашите ставови и да не ги сметаме за фиксни. Како мерки ќе ги споменам мобилните тимови за помош на жртви од семејно насилство, кои треба да бидат мобилни и на терен – 24 часа, флексибилно работно време за трудници и родилки, задолжително породилно отсуство на таткото од три месеци, за да се подобри позицијата на жената на пазарот на трудот и уште многу други мерки, за кои се надевам дека по десет години, и формално ќе можеме да разговараме“, е заклучокот на Василева која се обиде да даде конкретни препораки за подобрување на состојбата во иднина.
„Она на што треба и би морало да се работи е промена на перцепцијата за политичко дејствување исклучиво како активност за добивање на власт и доаѓање на позиција. Ќе се бориме за можност за идеолошки избор кој мора да постои и преку гласање за индивидуи наместо за знакче. Ресурсите на граѓанските организации треба да се користат за политизација на граѓанките кои не може да се незаинтересирани и помирени со положбата, затоа што перспективите не ни се добри“, посочи Савовска.
Дебатата е дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, вклучувајќи концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните. Караванот на слободата е проект што го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода со поддршка од УСАИД.
Марија Теговска