Во рамки на проектот „Граѓанско општество за европска интеграција“, неделава, дваесет претставници од граѓански организации од Македонија, меѓу кои и ЦИВИЛ – Центар за слобода, учествуваа на студиска посета во Брисел, Белгија. Претставниците на македонскиот невладини сектор, имаа можност да посетат дваесеттина меѓународни организации во Брисел и да разговараат за можна соработка и за заеднички активности. Учесниците на студиската посета имаа можност да ја посетат Европската комисија и Европскиот парламент. При посетата на ЕП, претставниците на македонските НВО учествуваа и на дискусијата за улогата на здруженијата на граѓани во процесот на интеграција во Европската унија со европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит кои се директно инволвирани во преговорите со македонските политички лидери.
Претставниците на граѓанските организации разговараа со европратениците на неколку различни теми. Отворено беше прашањето за улогата на Специјалното Јавно обвинителство, како и за можноста повторно да се одложат изборите закажани за 11-ти декември. На средбата се разговараше и за состојбата со мигрантите кои се останати на граничните премини во Македонија. Европратениците беа информирани и за одлуката на Владата да го скрати буџетот за превенција за ХИВ, но и за други заболувања, како и парите за лекување на болните, со што ги стави во опасност здравјето и безбедноста на граѓаните. Се разговараше и за отворањето на „зелени“ работни места за младите од Македонија, како и за проблемите со загадениот воздух.
Пораката која Вајгл, Кукан и Ховит ја испратија до граѓанските организации е да продолжат со добрата работа и со позитивното влијание кое е очигледно во изминатиот период. Тие им советуваа на граѓанските организации да останат независни, затоа што на тој начин можат најмногу да придонесат за демократизација на земјата.
По завршувањето на студиската посета, следува имплементација на 5 иницијативи за застапување на темите: млади, маргинализирани заедници, дискриминација, одржлив развој и медиуми.
„Граѓанско општество за европски интеграции“ е проект кој се имплементира од „Центарот за интеркултурен дијалог“, во сорабтка со Македонскиот зелен центар и Европската асоцијација за проекти од Белгија, и вклучува граѓански организации со цел да ја подобри нивната одржливост, автономијата и целокупниот капацитет, за да се вклопат во процесите на интеграција на Македонија во Европската унија. Проектот цели кон зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за вмрежување и градење на партнерства кон креирање на политики и одлучувачки процеси, особено оние кои се поврзани со ЕУ- реформите и препораките од Извештајот за напредок на Европската комисија.
Проектот „Граѓанско општество за европски интеграции“ е поддржан од ЕУ.