„Секоја година, 3,5 проценти од определените средства во буџетот на МТСП не се делат на социјалните случаи. Тоа е една од неправдите што се прават во текот на цела година и секоја година, социјалните трансфери што им следуваат на социјалните случаи, средствата за туѓа нега, постојаната парична помош, за еден или два месеца, се пролонгираат за наредната година. Зошто тоа го прават? Дали нема доволно средства, или не се предвидени доволно средства, или ги злоупотребуваат социјалците и ги пренаменуваат парите за да може да исплатат некои други работи кои не се предвидени во Законот за социјална правда?“, изјави во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се програмските определби на вашата партија во поглед на социјалната правда?
Ибраимовски: Програмските определби на нашата партија во делот на социјалната правда во Република Македонија се дека, прво, во Македонија не постои социјална правда, туку постои социјална неправда, што е многу лошо за една држава и сметаме дека треба да се направат реформи. Тоа го предвидовме во нашата програма, а го пренесовме и на нашите коалициони партнери, односно СДСМ. Го вметнавме во програмата како дел од нашето барање да има социјални реформи во поглед на социјалната правда. И како поранешен заменик-министер за труд и социјала, сметам дека социјална правда во Македонија не постои, од причини што се злоупотребуваат социјално загрозените категории граѓани, и секоја година 3,5 проценти од определените средства во буџетот од МТСП не се делат на социјалните случаи. Тоа е една од неправдите што се прават во текот на цела година, и секоја година, социјалните трансфери што им следуваат на социјалните случаи, средствата за туѓа нега, постојаната парична помош, за еден или два месеца, се пролонгира за наредната година. Зошто тоа го прават? Дали нема доволно средства, или не се предвидени доволно средства, или ги злоупотребуваат социјалците и ги пренаменуваат парите за да може да исплатат некои други работи кои не се предвидени во Законот за социјална правда?
ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите сознанија за злоупотреби на социјално загрозени категории на граѓанки и граѓани во политички, односно, изборен контекст?
Ибраимовски: Нашите сознанија се дека ги злоупотребуваат во моментот, со манипулации дека ќе им го укинат социјалното, дека нема да добиваат пари за трето дете ако дојде на власт опозицијата… Прават многу манипулации, одржуваат комуникација со луѓе кои се наклонети кон нивна страна, или одржуваат трибини со граѓаните и им кажуваат: „Ете, ние се бориме, го зголемуваме социјалното“. Иако тоа значи – на 2.000 денари, тоа се 100 денари, тоа е смешна работа… Социјалецот си вели, „јас да слезам од Баир со такси, ќе потрошам 100 денари, а мене,за само 100 денари социјалното ми е покачено“. Си играат со социјално загрозената категорија на граѓани, и ги злоупотребуваат со давање на еднократна парична помош за денот на избори. Тоа го правеа на минатите избори, јас имам сознанија од моите членови и активисти дека за денот на изборите се делела еднократна парична помош од по 500 денари, но и по 300, или по 600 денари, зависи каков отпор давале социјалците. Ако барале повеќе, им давале повеќе. Имало многу злоупотреби, затоа и ние, како опозиција го побаравме тоа Министерство 100 дена пред избори, токму поради тоа што се правеа тие злоупотреби со давање на еднократната парична помош. За тоа постојат снимки, и сведоци кои ќе сведочат дека добивале еднократна парична помош. Тоа не смее законски да се дели на улица, а тие тоа го правеле.
ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?
Ибраимовски: Во врска со ветувањата за социјална правда, реално се остварливи се тие што ние сега ги нудиме во нашата програма, односно, надоместоците за загрозените категории граѓани, ако ништо друго, барем да ја достигнат висината на минимална плата. Тоа е предвидено и во програмата на ПЦЕР и во програмата на нашиот коалиционен партнер СДСМ.. Тоа се реални и остварливи понуди, иако некој рече: од каде, па сега, вие имате пари за да ја покачите социјалната помош? Ќе ја покачиме со парите што тие ги украдоа, оти ќе мора да ги вратат. А тоа се два буџета на Република Македонија – украдени пари од државата. Значи, со два буџета, кога ќе ги собереме сите пари да ги вратиме во државата, ќе имаме и за социјалците и за пензионерите, и за нови вработувања… И, да му помогнеме на секој бизнисмен кој сака да отвори нов бизнис, или да му се помогне некому кој е „заглавен“ со кредити, да му се даде финансиска консолидација, да му се овозможи да опстане во бизнисот… На тој начин, ќе му се помогне и на стопанството и на социјално загрозената категорија граѓани, и на најсиромашните, преку изградба на социјални станови… Тоа се реални и остварливи работи, затоа што парите се украдени од државата, тоа е факт. И Народна банка соопшти дека од државата се изнесени 4.5 милијарди евра во даночните раеви.
Ветувања кои претставуваат корупција, тоа сега го прави власта. Ветува сé и сешто, ветува дека ќе даде помош, дека ќе примат на работа по еден социјалец од семејствата, дека ќе ги покачат пензиите за 5 отсто, а од каде пари за покачување? Подобро е пензионерите да имаат постојана пензија, отколку да се стават под ризик исплатата на пензиите. Се задолжува Фондот за пензиско, и сега е во тешка состојба, на интензивна нега е, не се знае кога ќе умре. И експертите предвидуваат дека по 2016-та година ќе има многу потешкотии во пензискиот фонд.
Од власта велат дека донеле многу странски фирми во државата и дека многу луѓе се вработуваат, тогаш каде одат парите за полнење на Фондот на ПИОМ. Грешката е што ги ослободуваат од придонеси за секој вработен, значи тие доаѓаат само да си го соберат кајмакот! Не плаќаат пензиско и инвалидско, ослободени се од персонални даноци, едноставно, само исплата на плата. Кога ќе видат дека нешто им чкрипи, веднаш си одат. Тоа е таа корупција што ја прави власта, ветуваат сé и сешто, а немаат начин и простор како да го остварат, оти нема пари во буџетот…
ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотребата на прашањата од социјалната правда?
ИБРАИМОВСКИ: Во 2005-тата, кога бев заменик-министер во МТСП, тогаш на власт беа СДСМ, се доделуваше по социјална помош од по 5.000 денари, а со тие пари можеше да се купи 160 литри зејтин. Еве, сега, со 3.000 денари социјална помош, нека оди некој и нека купи 160 литри зејтин. Нема шанса, е тоа е споредбата од тогаш во 2005-тата, и сега... Покренавме пријава против поранешниот министер Диме Спасов за укинувањето на социјалното, поради примање на пари од странство преку Вестерн Унион, на дел од социјалците. Кога ја поднесовме таа пријава? Има веќе 7-8 месеци, и ни трага ни глас од неа. Сé е тоа метастазирано, цела институција! Нема кому да му се обратиш, нема кому да му се жалиш, нема демократија, нема правда… Затоа реков, кај нас нема социјална правда, туку има социјална неправда…
ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.