Од денеска, па сé до 11-ти ноември, Избирачкиот список ќе биде достапен за увид од граѓан(к)ите кои ќе да можат да извршат проверка на запишаните податоци. Десет дена по завршувањето на увидот, односно, на 21-ви ноември, Државната изборна комисија треба да го заклучи списокот, и конечно, на 1-ви декември и да го потпише.
Како што стои во известувањето објавено на веб-страницата на ДИК, доколку граѓан(к)ите не се пронајдат на Избирачкиот список, треба да се проверат дали се наоѓаат во Листата на граѓани чии што записи во Избирачкиот список останале спорни, а кои не доставиле пријава до ДИК.
До 11-ти ноември, отворена е и можноста за пријавување за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларните канцеларии. Според последните податоци, вкупно 1.519 граѓани на Република Македонија кои живеат во странство, досега се пријавиле за гласање преку електронската апликација на веб-страницата на Државната изборна комисија. Како што соопшти ДИК, прифатени се 977 пријави, 47 се добиени, а 495 се во процес на обработка.
Граѓанската асоцијација МОСТ, на денешната прес-конференција ги објави своите активности поврзани со набљудување на изборите. МОСТ ќе ангажира 3.300 набљудувачи на целата територија на Македонија, од кои 80 набљудувачи веќе набљудуваат на терен. Денеска, беше промовирано и видеото „Твојот глас е само твое право“, како дел од кампањата за заштита на избирачкото право.
Во месечната анализа на ЦИВИЛ – Центар за слобода, политичкиот аналитичар и експерт д-р Сашо Орданоски се осврна на работата на ДИК во предизборниот период. „Во оваа фаза ДИК сега е еден орган којшто пасивно ги набљудува случувањата на политичката сцена. Кај ДИК сé уште не се почнати тензиите. Но, и на јавноста ѝ е јасно дека, доколку дојде ситуација да се решаваат некакви деликатни политички прашања, во кои ќе треба да се заземаат страни за конкретни проблеми, јас мислам дека ДИК ќе продолжи да ја игра таа улога на конфузност, на придонесување кон понатамошни проблеми, не на расчистување на ситуациите“, смета Орданоски.
Потврда за конфузноста за која зборува Орданоски се и последните случувања, кога при пописот на избирачкиот материјал со кој располага ДИК, утврдено било дека недостасуваат 40 печати од обезбедуван магацин во касарната „Илинден“.
Денеска од ДИК информираа дека печатите што недостасуваат, ќе биле заменети со нови печати, различни од претходните.
Марија Теговска