Aдвокатката од Куманово, Оливера Доцевска, единствената независна кандидатка за пратеник – носител на листа за ИЕ 2 за претстојните избори, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, зборува за мотивите, предизвиците, но и проблемите со кои се соочува при собирањето на 1.000 потписи за кандидатурата.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се мотивите да се кандидирате за независна пратеничка на престојните избори?
ДОЦЕВСКА: Она што ме мотивираше да се кандидирам е безизлезноста која ја чувствувам насекаде во општеството и мојот личен став дека ако не тргнеме сега, нема да можеме да се оправиме во наредните 100 години. Односно, ако тргнеме сега, ќе ни треба 25 години да се вратиме на нивото од моментот на осамостојувањето на Македонија во 1991 година.
Гледајќи ја структурата на политичките лидери, истите кои се „вртат“ 26 години, сметам дека тие, со своите политички или неполитички одлуки, се оние кои не доведоа до состојбата во која што сме . Овој миг го одбрав, затоа што моето длабоко лично убедување е дека по четириесеттата, човек веќе има доволно животно и работно искуство за да може да одговори на предизвиците, да одолее на притисоците и да донесе самостојни одлуки. Исто така, бесперспективноста која ја гледам, од моментот кога се затворија вратите за граѓанското општество во преговорите меѓу политичките партии… Неопходно е во еден толку клучен миг, државата да застане на свои нозе и да го почне од почеток.
ЦИВИЛ Медиа: Со кои проблеми се соочува еден независен кандидат во период на длабока политичка криза во Македонија?
ДОЦЕВСКА: Во моментот кога тргнав да ги поднесувам обрасците за собирање потписи за иден независен кандидат за пратеник во Собранието на Македонија, сите беа изненадени од таквиот чекор. Како што ми кажаа во службите, нема да потенцирам каде и кои, јас сум прв кандидат во 25-те години од осамостојувањето на Македонија, кој собира потписи за независен пратеник. Настрана оние кои станале независни, откако биле избрани од политички партии. Бев фрапирана од тој податок. Подрачните единици на ДИК беа целосно неподготвени за еден ваков кандидат.
Многу е тешко еден независен кандидат да се избори и да ги собере тие 1.000 потписи. Добив информација дека во некои држави се доволно се 100 потписи за некој да се кандидира за независен кандидат за претседател. Меѓутоа, тука во Македонија, треба 1.000 потписи за граѓанин да се кандидира за пратеник, а тоа е едно мало село, или да речеме четвртина од еден помал град, што речиси е невозможна мисија. Јас верувам дека ќе ја оствариме, токму затоа што тврдат дека е тоа невозможно, а мене секогаш невозможните мисии ми биле предизвик. Системот е така направен, во една општина се собираат потписи од четири општини. На пример, во Чаир се собираат потписи и од Бутел, Шуто Оризари, Чучер – Сандево, што е целосна недостапност за граѓаните, да го дадат својот потпис дури и да сакаат.
Се останува на познаници и пријатели… Проблем е недостапноста до медиумите, неможноста да се прошири информацијата дека воопшто има независен кандидат – е пречка во оваа фаза на изборниот циклус. Самиот ДИК би требало да ги извести медиумите дека во дадена изборна единица има независен кандидат, и со тоа да обезбеди фер услови за натпревар, кои ние ги немаме. Не можеме да зборуваме ниту за програмата која ја застапуваме, ниту кои се кандидатите на листата, ниту можеме да истакнеме во медиумите, каде, на кои места се собираат потписите.
ЦИВИЛ Медиа: Какви се вашите очекувања и какви се вашите барања до институциите и до пошироката јавност за овие избори?
ДОЦЕВСКА: За овие избори моите очекувања се да ги соберам тие 1.000 потписи, а барањата се – институциите да ми овозможат собирање на потписи во сите 10 општини во Изборната единица 2, па дури и само едно лице да се потпише, во Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Чаир, Бутел, Шуто Оризари, Чучер-Сандево, Арачиново, Гази Баба и Ѓорче Петров. Тоа се фер и рамноправни услови и за еден независен кандидат за пратеник. Сé она што се јавува како аномалија да го отстранат, во, да речеме следните 24 часа, за во овие три дена што останаа, да ни овозможат колку-толку нормални услови за натпревар и за работа. Да можеме да ја реализираме нашата цел и да ги собереме тие 1.000 потписи. Верувајте, нашата програма е дијаметрално различна и ние стоиме зад сето она што го зборуваме.
ЦИВИЛ Медиа: Независно од тоа дали ќе успеете да се кандидирате или не, јас ви посакувам успех. Каква политичка борба ќе имаме на овие избори?
ДОЦЕВСКА: На овие избори претпоставувам дека сé ќе биде исто како и порано. Не очекувам некои тектонски поместувања. Можеби единственото тектонско поместување и упад во системот – сум јас, затоа што едноставно, сите беа изненадени, како да очекуваа уште во старт да се откажам. Не се откажувам! Нема да се откажам, и да соберам и само 100 потписи, битката ќе ја водиме до крај, односно до недела, 6-ти ноември, до 19 часот. Нема да ги купуваме потписите, не даваме празни ветувања, не ветуваме работни места, единствено на што се потпираме е нашата програма и нашиот интегритет.
Биљана Јордановска