Да се обидеме да бидеме озбилни во ова лудило, кога јавноста ја има честа да се занимава со феномени како Владимир Пешевски или Диме Спасов, е тешка задача. Но, што се мора, не е тешко. Пред нас е период на разрешница, драги сограѓанки и сограѓани, кога ќе знаеме дали ќе дојдат правдата, еднаквоста и слободата. Или, ќе дојде крајот…на кризата. Во тоа име, младичот со кристалната топка чувствува за потреба да ви каже, уште еднаш, неколку негови согледувања, имајќи ги предвид и сите последни случувања.
Сè додека нема политичка разрешница, нема правна разрешница. Сè додека се власта и институциите во рацете на МВРО и началниците, ќе има опструирање на правдата, и ќе нема правда.
СЈО е осамено во институционалната борба. Без реална поддршка од МВР, во кое има незаконско самоволие на дел кој е под контрола на МВРО, додека наспроти стојат сите лостови на моќ во рацете на началниците, од „сваровски“ тефтер – судство па натаму, немојте да очекувате спектакли пред 11 декември.
Да не заборавиме, сè уште виси и можноста за уставноста на СЈО да одлучува Уставниот суд, пред кој стои и иницијативата за уставноста на изборите поради Изборната единица 6.
Услови за фер борба баш и нема. Избирачкиот список, по сè изгледа, е далеку од прочистен. Има индиции за нови „фантоми“. Притисоците врз администрацијата и ранливите категории граѓани, социјалците, земјоделците – се засилуваат. Освен тоа, има индиции за организирани шеми на директен поткуп на гласачите. Медиумската машинерија на режимот сè уште е далеку подоминантна и работи пропагандистички, но засега „ад-хок“ посуптилно, што би се рекло. На насилство и закани, како вечен присутен елемент кој се употребува по потреба, веќе и навикнавме. Одговорност нема. За ништо. Се чека политичката завршница.
Но, младичот е убеден дека големо мнозинство на граѓанките и граѓаните на Македонија се против режимот и за правна разрешница на целиот овој бербат. Свесноста за состојбите кај луѓето пред и после „бомбите“ не е иста. Да се биде против овој режим е да се биде на страна на разумот наспроти лудоста, на вистината наспроти лагите, на мирот и дијалогот наспроти насилството и омразата, на заедништвото наспроти поделбите.
Затоа, фокус – на тој фамозен 11 декември. Сите, заеднички против началниците и нивното лудило! Без оглед на разликите во пристапот или несогласувањата, минимум што треба да направат сите останати е да имаат консензус околу заштитата на легалноста на изборниот процес и заедничко ангажирање за да се создадат минимум фер услови за избори. Не треба да нагласам дека мора да има консензус околу тоа дека одговорност за она што го слушнавме и чувствуваме на своја кожа и правна разрешница – мора да има. Поддршката која граѓаните ја дадоа на СЈО е порака дека тие сакаат тој што е кабает за цела оваа повеќегодишна лудница, да одговара.
Секако, би било добро троа помалку да се троши енергија на тоа кој е поголем борец против режимот и помалку да има “пријателски” оган, а повеќе да има фокусирање на енергијата, реториката и времето на негов пад и нудење на сопствената визија за излез од ова лудило.
А кога ќе паднат началниците на избори, ќе има правда, ќе има и мир. За сите, ама само ако заеднички продолжиме да ја градиме нашата земја во секој аспект. Оти таа е сега уништена од секој аспект. Не со гипс – картон и стиропор, туку со далеку поцврсти материјали. Пред сè, со љубов, знаење и доверба.