Ромите од „Три багреми“ - жртви на изборни манипулации

Жители од ромската населба „Три багреми“ во Прилеп реагираат и се жалат дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ги користи нивните гласови само за избори, неисполнувајќи ги ветувањата за подобрување на условите за живот. Велат дека за секои избори во населбата, доаѓаат локални политичари или претставници од партијата и тоа во голем број, им носат храна, им ги покриваат живеалиштата, „изградени“ од картони, стари теписи и понекоја цигла, а за возврат, го бараат нивниот глас.

„Идат за изборите, сите се тука. Вие гласајте ќе добиете канализација, ќе имате посигурна инсталација за струја... Ништо немаме. Марјан Ристески ни вети, сите ни ветија, сите кои идеа за изборите! Сите идат овде кога ќе им биде најтешко, ќе дојдат, ќе ни донесат вреќа брашно, литар масло, ќе ни донесат и ќе нé покријат, тоа пред изборите го прават. Ама, сега, кога ќе дојде времето, дали Марјан, Никола Груевски, или кој сака нека биде, ќе бараме првин да се зајакне инсталацијата за струјата... Кој ќе ја зајакне инсталацијата, па потоа ние за него ќе гласаме. Ако е ова дива населба, можеше да ни даде место кај војската и Марјан Ристески рече, ќе дојдам во ’Три багреми’, ќе ве посетам. А,  ние му рековме - ’Кога си дошол ти во Три багреми нас да не посетиш, никогаш откако си во изборите’. Ама никогаш не дошол“, вели Анишка Исмаилоска, жител на населбата „Три багреми“ од Прилеп.

Овие луѓе се крајно разочарани од власта, загрижени за својот опстанок и тврдат дека нема да гласаат веќе на следните избори, нема да дозволат да бидат и натаму жртви на изборни манипулации.

„За никого не гласам, дури не ја зајакнат инсталацијата за струја, значи, моите деца да бидат прибрани како што треба... Значи, јас за никого не гласам, ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ“, вели Асиме Азизоска (34), жител  на населбата „Три багреми“, мајка на четири деца.

Таа имала проблем и со комплетирање на документацијата за лична карта. Бидејќи се работи е нелегализирана, „дива“ населба. Таа живее во „Три багреми“, а се води како жител на друга населба.

„Жената не можеше да земе лична карта. Зеде имотен лист од кај свекрвата, па едвај... За личната карта се мачеше два месеца“, додава нејзината сосетка Анишка.

Во населбата „Три багреми“ живеат преку 100 семејства, во крајно тешки услови: немаат вода, струја, канализација, улици, немаат елементарни услови за живот! Локалната власт одамна вети и во медиумите дека ќе преземе мерки, но оттогаш изминаа седум години, а нивните услови за живот стануваат потешки. Локалната власт и градоначалникот Ристески ни овој пат не одговорија на новинарските прашања, испратени на службен мејл: кога и дали воопшто ќе се решат проблемите на граѓаните на „Три багреми“, особено, дали ќе им се изградат домови на овие граѓан(к)и - жртви на ветувањата на политичарите од власта за секои избори.

Моника Талеска 

Green CIVIL

FREE
VIEW