Додека Скопје се гуши, граѓаните мака мачат со респираторни проблеми, а клиниките се преполни, и покрај големите очекувања од јавноста, вчерашната средба на градоначалниците на скопските општини и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, заврши без конкретен договор и мерки.
Официјално, на средбата се говорело за проширување на топловодната мрежа, за изработување на нови правилници за ограничување на употребата на несовесни горива во домаќинствата, но без конктетен договор за тоа што ќе преземат општинските власти. Средбата завршила со заклучок дека градоначалниците се договориле – дека треба да се договорат!
Неодамна беше организирана и научна конференција за аерозагадувањето на која експертите предупредија дека е крајно време да се преземат конкретни мерки, иако за повеќето, велат, би имале ефект дури по неколку години.
Единствена мерка која ја спроведе Град Скопје деновиве, е третирањето на ситната прашина со калциум-магнезиумацетат, но досега не е забележана некоја позначителна разлика.
Денеска, Демократска обнова на Македонија (ДOM) излезе со барање да се прогласи вонредна состојба. Воведување на систем пар-непар во сообраќајот, по примерот на Париз и Сараево, забрана за движење за возила под „еуро 4“ стандард, субвенции за печки со целосно согорување и квалитетни горива во домаќинствата, редновно миење на улиците со калциум-магнезиумацетат, строга контрола на индустриските објекти, особено во ноќните часови, бесплатен јавен превоз, повеќе автобуси во јавниот превоз и јавен превоз во градови каде што го нема, воведување евтина, дневна тарифа за струја во домаќинствата, затворање на градилиштата, зелена зона за пешаци, и велосипедисти во центарот, се дел од мерките што ги предлага ДОМ.
Во меѓувреме, на граѓаните не им преостанува ништо друго, освен повторно да излезат на улиците и покрај опасноста од преголемата загаденост.
На социјалните мрежи протестот е најавен за среда, 28-ми декември во 17 часот што ќе започне кај фонтаната во Градскиот парк.
На нивната листа се истите барања на кои посочија и од партијата ДОМ. Еко–активистите бараат итна средба со скопскиот градоначалник Коце Трајановски и со премиерот Емил Димитриев.
М. Ивановска