Под мотото „Слободниот избор е право, а не привилегија“ сексуалните работници од Македонија, го одбележаа 17 -ти Декември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници.
Учесниците во протестот: стриптизети и стриптизери, хот лајн оператори, ескорт девојки и моци, но и активисти за човекови права порачаа дека бараат поголеми права за овие најмаргинализирани групи во општеството.
„Во реалноста, институциите што работат во интерес на безбедноста на граѓаните на Република Македонија, многу често не прават разлика меѓу сексуалната работа и експлоатацијата. Така што преземаат мерки за елиминација на сексуалната работа наместо за елиминација на експлоатацијата во сексуалната индустрија,“ изјави Борче Поповски од граѓанската иницијатива „СТАР – СТАР“.
Протестот започна пред спомен-куќата на Мајка Тереза. Оттаму црвените чадори се движеа преку Камен мост до плоштадот Филип Втори.
Маршот на црвениот чадор годинава се одржа по 9-ти пат во организација на граѓанската иницијатива за застапување и унапредување на правата на сексуалните работници „СТАР-СТАР“ од Скопје. ЦИВИЛ-Центар за слобода ја поддржува оваа иницијатива од самиот почеток.