Прилепски социјални работници деновиве, во очи на предвремените парламентарни избори повикувале корисници на социјална помош да се јават во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, и лично им ги врачувале решенијата, со кои што се потврдува дека се корисници на ова законско право.
„Ова секако е ‘одлука’ на Меѓуопштинскиот центар и нема врска со Министерството. Одредени кадри, поедини социјални работници, кои што се на одредени работни места или вработени од партијата на власт и коалиционите партии, на овој начин манипулираат со граѓаните, како тие да им помогнале да дојдат до социјална помош. На тој начин вршат притисок, врз овие ранливи категории граѓани, покажувајќи им кому се должници за ваквата ‘услуга’, што е всушност нивно законско право“, информираат извори за Грин ЦИВИЛ.
Добро упатените во работата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, тврдат и дека деновиве се поинтензивни се повиците на социјалци, на коишто им е скратено ова законско право, да се јават во конкретни простории „соба бр…“ кај конкретни социјални работници, со ветување дека овој пат ќе добијат социјална помош.
„Па се знае кој, тоа го организира и кој го спроведува. Целта е да се пазарат пак со изборни гласови посредно, кажувајќи им дека тие ќе им помогнат, ветувајќи им дека овој пат ќе добијат социјална помош, се манипулира со граѓаните, на кои што им се скратени правата“, потврдуваат извори за Грин ЦИВИЛ.
Прилепскиот центар беше предмет на обвинувања, реакции и тврдења на граѓани и за изборите во април 2014 -та година. Истакнати социјални работници беа споменувани како на денот на изборите, во населбата Три зла во Прилеп, делеле решенија за користење социјална помош на граѓани од ромска националност.
Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Снежана Јованоска, категорично ги демантира овие наводи. Тврди дека во центарот доаѓаат граѓани кои прашуваат кога ќе може да поднесат документи, но дека никој од нив не е злоупотребен во изборни цели.
„Бројот на корисници на социјална помош е многу мал,значи околу 1700, според тоа не може да се манипулира во овие семејства. Иако за дел од социјалните работници, кои припаѓаат на опозициони партии имаме реакции од граѓани, дека имале закани, сепак без да бидат случаите документирани, не можеме никого да обвиниме“, вели Јованоска и додава дека документите за обнова на правото на користење социјална помош почнува од 19 декември и ќе трае до 12 јануари.
Ова впрочем е одлука на министерката Фросина Ташевска Ременски, обновувањето на документите да се врши по изборите, со цел да се избегнат сите опасности, социјално загрозени, ранливи категории граѓани, да бидат жртви на изборни манипулации и злоупотреби.
На околу 5600 семејства или приближно 26.000 граѓани на ниво на држава, поради ретроактивна примена на законите им е скратено правото на социјална помош, во време кога со ресорот раководеше, министерот Диме Спасов.
Моника Талеска