Викендов во детската градинка во населбата „Бончејца“ во Прилеп е евидентирана зголемана активност. Жители oд непосредната околина пријавуваат дека вчера во два наврата, патнички возила се паркирале пред градинката, а лица кои излегувале од објектот им предавале кутии. Извори на Грин ЦИВИЛ се сомневаат дека партиски пропаганден материјал е сместен во оваа државна установа. Повикуваат полицијата да изврши детален увид, за да се утврди дали е прекршен законот, зашто и денеска градинката е средиште на случувања зад затворени врати.
„Се случи вчера, еднаш околу 15 часот, пристигнаа 15-ина патнички возила, а потоа околу 17.30 часот пристигнаа други. На сите им беа давани кутии во кои не знаеме што имаше. Откако ги земаа кутиите, со возилата си заминуваа. Ситуацијата ја следевме будно цела ноќ. Изутрина околу 9 часот, речиси во еден момент пристигаа од 50 до 60 граѓани,кои влегоа во градинката. Овие случувања не се вообичаени, за викенд, но сега пред избори оставаат сомнеж, дека се работи за партиски активности, зашто во оваа градинка речиси сите вработени се кадри на власта“, изјавија за Грин ЦИВИЛ, жители од соседството, кои случајот го пријавиле и во прилепската полиција.
Од СВР-Битола информираат дека се работи на документирање на случајот, но демантираат дека во градинката се извршувале партиски активности.
„Според увидот на полицијата изутрината во градинката се одржувало предавање кое се однесува на развивање на интелигенцијата на деца, наменето и за родители, со предавачи од Нови Сад, кои и синоќа имале предавање на иста тема во домот на култура „Марко Цепенков“ во Прилеп“, изјави Сања Стаматовска, портпарол на СВР -Битола.
Но, извори на Грин ЦИВИЛ и попладнево пријавија зголемена раздвиженост во истата градинка. Тврдат дека попладнево, сега не на главниот влез, туку на задниот влез повторно група граѓани влегувале во истата градинка.
„Се сомневаме дека во оваа градинка е сместен партиски пропаганден материјал, којшто им се распределува на партиски активисти. Но, наоѓаат начини тоа да го прикријат. Полицијата треба да изврши детален увид во објектот и фактите да ги презентира на јавноста“, велат и од прилепската организација на СДСМ.
Градинката во населбата „Бончејца“ е дел од ЈУ „Наша Иднина“. Оваа јавна установа долго време е предмет на реакции на многу родители, кои тврдат дека последниве 10 години се вработувани само партиски кадри од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Реагираа и затоа што, според нивни тврдења, партиската припадност била „виза“ нивните деца да бидат (не)згрижени во овие градинки. Најчесто добивале одговор, дека нема доволно капацитет за сместување на нивните деца.
По овие случувања вистината за она што се случува во детската градинка „Бончејца“ ја бара и јавноста, бидејќи овие државни установи се наменети за згрижување, воспитување, посебна грижа на децата во најраниот период од животот. Тому затоа сите сомнежи за евентуална инволвираност на кадрите во партиски цели и злоупотреби на просторот во функција на избори, треба да бидат расветлени. А, доколку се констатираат евентуални прекршоци, да бидат санцкионирани согласно со законот.
Моника Талеска