Претседателот на Синдикатот на комбинатот „Југохром“, Бајрам Амити, во изјава за ЦИВИЛ Медиа, вели дека по денешното барање за разговор со премиерот Емил Димитриев, од кабинетот, средбата ја закажале за понеделник, во 16 часот.
„Јас не сум оптимист дека со една средба ќе постигнеме договор. Меѓутоа, добро е што конечно премиерот се одѕва на нашите барања. Доколку не постигнеме никаков договор, ќе бидеме приморани да продолжиме со уште порадикални протести и со други облици на изразување незадоволството, бидејќи се работи за 700 фамилии, кои остануваат без приходи!“, вели Амити.
Синдикатот на „Југохром“ пред една недела се обратил до Кабинетот на премиерот. Но, им било кажано дека можат да остварат средба само со неговите советници. Амити е убеден, дека единствено договор може да се постигне ако своите проблеми ги изложат лично пред Димитриев, затоа и овој пат инсистирале на средба со Димитриев.
Пред два месеца, Државниот инспекторат за животна средина донесе решение за престанок на работата на комбинатот „Југохром“, поради непоставување филтри против аерозагадување. Пред две години, менаџментот на „Југохром“ од Владата доби продолжување на рокот за поставување на систем за отпрашување, заклучно со датумот на кој е издадено решението за престанок на работата.
Маја Ивановска