Дел синдикати на СММ блиски до Живко Митревски попладнево се огласија со соопштение, по обвинувањата на четирите други синдикати кои му даваат поддршка на Дарко Димовски и тврдат дека Митревски е одговорен за инцидентот од изутрината, во кој е повреден Димовски и неколку други синдикалци, при насилен упад во зградата на ССМ. Во соопштението овие 13 синдикати на ССМ, се повикуваат на новото решение од Министерството за труд и социјална политика, и тврдат дека единствен легитимен претседател на ССМ е Митревски.
Оттаму најавуваат и нови кривични пријави против Димовски, којшто беше избран како в.д. претседател во периодот, кога согласно со пржинскиот Договор, министерка на ресорот МТСП, беше Фросина Ташевска Ременски. Дури и ОЈО во овој период се изјасни дека нема пречки за регистрирање на новиот в.д. претседател во Централен регистар, но тоа не беше сепак реализирано.
„Сакаме најостро да ја демантираме најновата лага на манипулаторот Дарко Димовски, кој на најбезобразен начин пласира нова лага дека бил физички нападнат.Станува збор за нова лага со цел истиот и групата фалсификатори да се извлечат од кривичните дела. Во обидот да се спречи дивеењето и алкохолизираната состојба и разрушениот инвентар, службите на ССМ најпрофесионално во присуство на полиција ги отстранија сите пречки за нормално функционирање на зградата на ССМ и на институциите кои делуваат во неа. ССМ и 13-те грански синдикати за разлика од 4-те други, кои се исклучени од ССМ се фокусирани на спроведување на програмата на ССМ и на обезбедување на работничките права и интерес. Во интерес на членството на ССМ и 13-те здружени грански синдикати останува отворен за соработка со сите добронамерни членови, но не и за раководствата кои се препознатливи по фалсификување и синдикално пензионирање“, стои меѓу другото во соопштението од ССМ, поточно од синдикалците кои го поддржуваат Митревски.
Оттаму тврдат дека тринаесетте гранкови синдикати и избраното раководство предводено од претседателот Живко Митревски добија легитимитет и со најновото решение од Министерството за труд и социјална политика на Р. Македонија, со кое е поништено претходно решение од ексминистерка Ташевска Ременски. Ова решение според приврзаниците на Митревски е донесено врз база на фалсификувани документи, врз основа на незаконити и нестатутарни дејствија спротивни на Закон и Статутот на ССМ.
„Против групата фалсификатори: Дарко Димовски, Пецо Грујовски, Живко Даневски и Пеце Ристески, беа покренати повеќе кривични пријави за фалсификување исправи, злоупотреба на службена положба, злосторничко здружување и лажно претставување, за кои се отворени кривични постапки и истраги пред Основното јавно обвинителство, за кои се предвидени казни затвор од 3 до 10 години. Против лажно претставуваниот в.д. претседател Дарко Димовски, сторител на повеќе кривични дела поднесени се повеќе нови кривични пријави вклучително и за групата фалсификатори и синдикални пензионери за насилно превземање на зградата на ССМ, нарушување на владение, попречување на нормално функционирање на ССМ, попречување на работата на други грански синдикати, самовластие и други кривични дела, за кои исто така се предвидува повеќе годишни казни затвор“, соопштуваат од ССМ.
М.Т.