„Не станува збор за нафтена дамка во Охридското Езеро ниту за мрсни материи, туку за присуство на растителен материјал – делови од водни растенија и кончести алги, кој при разградбата ја губи зелената и преминува во кафено-жолтеникава боја“, соопшти охридскиот Хидробиолошки завод, како одговор на објавените фотографии со црната дамка што пред неколку дена се појави во водите на Охридското езеро на самиот охридски кеј.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Драгана Велковска од Охрид СОС, организација која ги објавија фотографиите.
„Според соопштението на Хидробиолошкиот завод, тие направиле анализа која покажала дека се работи за растенија што гнијат и алги. Ние би сакале да ги објават тие податоци, сите документи кои ги имаат, затоа што секоја анализа треба да е документирана и да кажат- како е можно растенија кои гнијат да мирисаат на нафта најмалку еден месец и да делуваат како мрсна флека од нафта. Сакаме научно да ни објаснат како е можно да се случи тоа“, вели Велковска.
„Ние ќе се консултираме со меѓународни експерти, каково е нивното мислење, дали постои таква состојба во светот каде гниење на растенија и на алги – мириса на нафта. Кога ќе имаме информации од нив, ќе ја известиме јавноста. Ние не тврдиме ниту дека истражувањето е соодветно, ниту дека не е, но сакаме детални информации затоа што тоа е работа на Хидрометролошкиот завод, да известува објективно и стручно, во интерес на вистината пред сé“, истакна Велковска, која вели дека „Охрид СОС“ ќе продолжи да ја следи состојбата и во следниот период.
Претходно, од „Охрид СОС“, апелираа и дека на Охридскиот регион му се заканува да биде впишан на Листата на УНЕСКО – на светско наследство во опасност, поради плановите за изградба ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2, Железничкиот коридор VIII и изградбата на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин.
На 1-ви февруари истече рокот што УНЕСКО го постави за Македонија – да достави извештај за статусот на конзервација и за чекорите преземени за спроведување на препораките во случај на потенцијална опасност за природните и за културните добра на Охридскиот регион.
„Ден пред истекот на рокот, ние ги прашавме надлежните дали го испочитувале рокот, но официјален одговор не добивме. Имаше само неофицијални информации дека е продолжен рокот, но за колку време, и дали е испочитуван и вториот рок, не знаеме. Очекуваме информација кога ќе стигне мисијата на УНЕСКО којашто треба да прави анализи. Претпоставуваме дека е задолжително, претходно да ги имаат исполнето сите обврски, во спротивно, има опасност – Охрид и Охридското Езеро, од наредната година да се најдат на Листата на УНЕСКО на светско наследство во опасност“, посочува Велковска.
Марија Теговска